За милијарда евра, кредит по договор “влада со влада”, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека не станува збор ниту за пари од Унгарија ниту за пари од Азија. Тој го најави овој финансиаки пакет по победата на изборите кога рече дека ќе биде под поволни услови и со ниска камата.

Се лицитираше со повеќе земји како можни кредитори на милијардата како Кина, Обединети Арапски Емирати или владата на Прбан во Унгарија, но Мицкоски тврди дека тие дестинации не се точни.

На директно прашање на Телма дали Унгарија е земјата со која нашата држава ќе повлече заем до една милијарда евра, Мицкоски одговори дека се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат.

-Заемот до една милијарда евра под исклучително поволни услови, кој би се повлекол со друга држава, на ниво влада со влада, за финансирање на лошите договори на актуелната влада, државите кои ги спомнуваа не се тие. Се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат, одговори Мицкоски.

Според информации кои Телма веќе ги објави, главен преговарач за пакетот бил Зоран Ставревски, поранешниот министер за финансии и поранешен вицепремиер во владите на Никола Груевски, бегалец со азил во Унгарија. Пакетот бил преговаран во време на изборната кампања. Досега нема објаснување дали парите ќе се користат за инвестиции и проекти или пак за сервисирање на постоечките долгови на државата.

Мицкоски појасни и дека за договорот со “Бехтел и Енка” има две солуции затоа што  постоечкиот договор за Коридорите не е ефикасен.