Премиерот Христијан Мицкоски, во однос на замрзнувањето на програмите на УСАИД од страна на новата американска администрација на Доналд Трамп, изјави дека ова треба „да нè освести, да нè отрезни и да сфатиме дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме, самите да градиме општество кое ќе биде наше заедничко општество“.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека „ќе треба да бидеме свесни дека ова е наш заеднички дом и дека сме сите под ист чадор“.
„Секоја поддршка во насока на подобрување на демократските капацитети на една држава е добредојдена. Но, и ова треба да нè освести и да нè отрезни и да сфатиме дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме“, рече Мицкоски на прес-конференција во Владата.
„Тука сме се родиле, тука сме тагувале, тука сме се радувале и најверојатно најголемиот дел од нас тука и ќе го завршиме животот. Треба да ги засукаме ракавите и да градиме една поубава држава. Ако оставиме некој друг да не брани, а некој трет да не храни, тогаш лошо ни се пишува. Затоа да се обединиме во различностите, какви и да се, дали се партиски, верски, етнички, под овој чадор сме сите заедно и колку сме повеќе сме заедно, толку ќе имаме посилна татковина“, додаде премиерот.