Милиони Американци повторно се во опасност да останат без покрив над главата ако не можат да ја платат киријата, бидејќи денес истекува мораториумот со кој им се забранува на сопствениците да ги исфрлат на улица за време на пандемијата, а Конгресот не го продолжи.

Врховниот суд на САД претходно одлучи дека мораториумот може да остане во сила до 31 јули, но администрацијата на претседателот Џо Бајден не ја обжали одлуката.

Се проценува дека се загрозени повеќе од 3,6 милиони луѓе, кои би можеле да се најдат на улица уште в понеделник доколку не ја платат киријата.

Кога стана јасно дека Конгресот нема да го продолжи времетраењето на овој мораториум, претседателот Бајден апелираше до властите на федералните држави да ги преземат неопходните чекори и да спречат луѓето да бидат исфрлени на улица, пренесува Гласот на Америка.

„Државите и локалните власти треба од своите фондови да им платат на сопствениците и на оние што изнајмуваат станови и да го спречат исфрлањето“, се вели во апелот на Бајден.

Конгресот претходно одобри помош од 47 милијарди американски долари за федералните држави за да обезбедат пари за сопствениците што ги издаваат своите станови за време на пандемија, кога многу луѓе загубија работа и пари.

Конгресмените потсетуваат дека федералните држави многу бавно ги распределиле тие пари и дека биле потрошени само три милијарди долари.

Бајден во четвртокот го повика Конгресот итно да го продолжи мораториумот за протерување, претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси закажа гласање за петокот рано наутро, но по неколкучасовни преговори, демократите не успеаја да се договорат за продолжување, а републиканците не го поддржуваат предлогот.

Според податоците на Министерството за урбанистички развој, на крајот на март речиси 6,4 милиони домаќинства доцнеле со плаќањето кирија, а во почетокот на јули 3,6 милиони луѓе рекле дека може да останат без покрив над главата во следните два месеци.