Овој огромен износ не само што ги парализира основните функции на институциите, туку директно го загрозува опстанокот на приватните компании што работат со државата, создавајќи синџир на неизвесност во целата економија.
Финансиски податоци за достасани, а неплатени фактури од страна на јавниот сектор, заклучно со јуни, откриваат загрижувачка слика за фискалната дисциплина во земјава.
Министерства, општини, државни и јавни претпријатија примиле фактури, чиј рок на плаќање веќе истекол, во износ од 42,7 милијарди денари, или околу 693 милиони евра, покажува Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски (ЕСПЕО), што го води Министерството за финансии.
Овој огромен износ на долгови не само што ги парализира основните функции на институциите, туку директно го загрозува опстанокот на приватните компании што работат со државата, создавајќи синџир на неизвесност во целата економија.
Компаниите „срамежливо“ зборуваат за тоа колку им должи државата, а погласни критики стигнуваат од меѓународните финансиски институции.
Инфраструктурата, енергетиката и здравството ги влечат кочниците
Апсолутен рекордер во создавањето нови и неплатени долгови е Јавното претпријатие за државни патишта и железничка инфраструктура, односно „Македонски железници – Инфраструктура“, чиј блок на достасани обврски надминува 91,5 милиони евра. Веднаш зад него се наоѓа АД МЖ „Транспорт“ со долгови од околу 83,8 милиони евра, што укажува на длабока криза во целокупниот железнички сектор.
На трето место по неплатените долгови е „ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар“, што должи 35 милиони евра.
Значителен придонес кон оваа негативна статистика даваат и енергетските гиганти. АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) должи речиси 34 милиони евра, додека, пак, нејзината подружница за парно греење има достасани, а неплатени обврски во износ од 29,7 милиони евра.
Алармантна е состојбата во јавното здравство ако се гледа како целина. Јавните здравствени установи должат 134,2 милиони евра.
Јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост должат 271,5 милиони евра. Меѓу јавните претпријатија, долгот на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје е околу 13,8 милиони евра од достасаните, а неплатени фактури.
Општините должат 93 милиони евра
Само општините должат 93,2 милиони евра. Ова е поразителен податок ако се земе предвид дека заклучно со јуни 2025 година, достасаните неплатени обврски на општините изнесувале 64,7 милиони евра, или 28,5 милиони евра помалку од сегашното должничко салдо.
Најголеми должници се Општина Гостивар, која должи 14,8 милиони евра, и Општина Тетово со долг од 14 милиони евра.
Во првата петорка на должници се и Општина Сарај со долг што веќе требало да го плати во износ од 4,2 милиони евра, Општина Карпош – 4,1 милион евра и Општина Кисела Вода – 3,9 милиони евра.
Проблемот со ликвидноста на општините е дежурна тема во јавноста. Покрај финансирањето од сопствени приходи, кон општините има трансфери и од државата, но и вонредни „инјекции“ со кои повремено се намалуваат долговите, но најголем дел од општините повторно паѓаат во нови долгови.
Според Програмата за економски реформи 2025-2027 година, планиран е континуиран раст на трансфери од државата кон општините. За годинава планираниот износ е 669 милиони евра, а во 2027 година во износ од 716 милиони евра.
„Фајненс тинк“ уште минатата година укажа на тоа дека растот на долговите на јавниот сектор низ годините ја поткопува финансиската дисциплина и дека тоа е „морален хазард“.
„Растот на достасаните обврски укажува на потенцијален ‘морален хазард’ бидејќи централната власт често интервенира за нивно сервисирање, што ја поткопува долгорочната фискална дисциплина и создава очекување дека идните обврски ќе бидат покриени од други нивоа на власт“, анализира „Фајненс тинк“.