Музичари од Охрид и Струга, денес во Охрид организираа мирен протест, барајќи од Владата и Комисијата за заразни болести,  да изготват соодветен протокол со кој ќе им се овозможи да почнат со работа. Тие се загрижени за својата егзистенција, бидејќи од оваа работа живеат стотина семејства. Само во Струга и Охрид, досега се откажани околу 1000 свадби до крајот на летово.

„Бараме и ние музичарите да бидеме вклопени во системот на работа во вонредна здравствена состојба, односно да се изменат членовите од законот, со кој се забранува организирање на жива музика во угостителските објекти. Со оглед дека веќе започна туристичката сезона и време на летни одмори, крајно време е да излезете во пресрет на нашите барања, со што ние како музичари колку толку ќе имаме можност да заработиме за основна егзистенција, а угостителите би ја зголемиле својата понуда со можност да бидат поатрактивни и попосетени“, изјави Игор Бежаноски-претседател на здружение на музичари на Охрид.