Низ продавниците затекнавме збунети купувачи, кои главно гледаа да го купат најевтиниот млечен производ, а рафтовите на кои пишуваше дека има попуст беа речиси испразнети.

Низ маркетите повторно се ставаат нови цени, а најголемо изненадување приредија млечните производи. Цените на кравјото сирење се движат од 320 до 360 денари за килограм, на мешаното – кравјо со овчо, цените се околу 400 денари, а цените на кравјиот кашкавал од домашните производители е од 380 до 500 денари. Овие цени лани беа за 30 отсто пониски.

Она што уште повеќе загрижува е што производителите на млечни производи не гледаат стивнување на трендот на растот на цените.

Ѓорѓи Петрушев, претседател на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко, вели дека сегашните цени се исклучиво резултат на растот на влезните трошоци и дека не верува дека која било компанија од млечната индустрија ќе има раст на добивката.

– Сега со цените си ја бркаме сенката. Сите колеги со кои сум разговарал имаат растечки трошоци – зголемени се сите влезни трошоци од цените на суровото млеко што го откупуваме до енергенсите. За жал, очекувам и понатамошен раст на цените. Не би можел да лицитирам со проценти, затоа што тоа никој не го може, но јасно е дека ќе има понатамошен раст на цената на електричната енергија. Се надеваме, но потенцирам „се надеваме“, дека ќе се смири цената на сточната храна по договорот меѓу Русија и Украина за извоз на жито. Со тоа би требало да се стабилизираат цените на берзите, а тоа би требало да влијае и врз цената на сточната храна во регионот, од каде што ја купуваме ние – изјави за „Слободен печат“ Петрушев.

Нови цени и на сирењето и другите млечни производи/Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска
Тој вели дека сега поскапо се плаќа и млекото, а тоа е и очекувано затоа што се зголемени трошоците на сточарите.

– Откупната цена на млекото е зголемена во однос на лани за околу 30 проценти, но секако таа зависи и од квалитетот на млекото – вели Петрушев.

Поскапо млеко и јогурт на полиците/Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска
Се зголемија цените и на други производи. Поскапи и свинското месо за 20-ина проценти. Цената на овој производ беше меѓу оние што ја држеа ниската цена, но веќе свинските ребра се околу 300 денари, иако до неодамна по таа цена можеше да се најде кртина.