Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го заврши првиот преглед на програмата за заем на Украина од 15,6 милијарди долари, што му овозможи на Киев веднаш да повлече уште 890 милиони долари буџетска поддршка додека започнува голема офанзива против руската војска. Во исто време, Светска банка и одобри заем од една и пол милијарда долари на Украина.

Одобрувањето на повлекувањето на новата транша од заемот од ММФ за Украина како дел од програмата започната на 31 март ги носи вкупните досега повлечени средства на приближно 3,6 милијарди долари, пренесува Ројтерс, објави АлЏезира балканс. ММФ оцени дека украинските власти постигнале „силен напредок“ кон исполнувањето на реформските обврски во „предизвикувачки услови“, откако ги исполниле квантитативните критериуми за успешност до април и структурните одредници до јуни.

„Руската инвазија на Украина продолжува да има сериозно влијание врз човечкиот и физичкиот капитал и животната средина, со загуба на животи, пад на животниот стандард и зголемување на сиромаштијата, како и оштетување на инфраструктурата. И покрај ова, украинскиот народ е издржлив, а вештото креирање политики од страна на украинските власти и континуираната надворешна поддршка помогнаа да се поддржи макроекономската и финансиската стабилност“, рече Кристалина Георгиева, директорка на ММФ.