Советот на Народната банка го усвои Кварталниот извештај, според кој најновите макроекономски показатели главно се движат во согласност со априлските проекции. Во Извештајот се наведува дека надворешната позиција на земјава е стабилна, а девизните резерви се одржуваат на соодветното ниво за зачувување на стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото. Домашната инфлација очекувано забрза во вториот квартал, и натаму е на релативно повисоко ниво, при постепено забавување во текот на кварталот. Економската активност е отпорна на неизвесното надворешно окружување, а во рамките на банкарскиот сектор и натаму се бележи солиден раст на депозитите и кредитите.

Во вториот квартал од 2026 година, Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 4,25%, во услови на продолжено времетраење на инфлацијата и висока неизвесност од надворешното окружување. Тековната монетарна поставеност заедно со досегашните измени кај останатите монетарни инструменти имаат за цел да придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс и за стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања. Во вториот квартал, просечната инфлација изнесуваше 4,6%, при постепено забавување во текот на кварталот сведувајќи се до 3,4% во јуни. Сепак, процесот на враќање кон историскиот просек е побавен, при нагласени ризици од геополитичките случувања, од движењата на цените на примарните производи на светските берзи и од домашните фактори што влијаат врз побарувачката. За 2026 година се очекува просечна инфлација од 4%, а за 2027 година 3%.

Во првиот квартал од 2026 година, економската активност забележа реален годишен раст од 3,1%, речиси во согласност со проекциите, главно поттикнат од домашната побарувачка. Показателите за вториот квартал упатуваат на можно забрзување на растот, а за целата 2026 година се очекува раст на БДП од 3,5%.

Надворешната позиција на земјата се оценува како стабилна. Во првиот квартал, тековната сметка забележа дефицит од 1,6% од БДП, што е подобрување на годишна основа, додека финансиската сметка оствари нето-приливи од 2,9% од БДП. Девизните резерви и натаму се во безбедната зона и на крајот на јуни изнесуваат 4.936,4 милиони евра. Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, при сосема мали интервенции на Народната банка и на страната на продажбата, и на страната на откупот на девизи.

Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна активност и зајакнување на депозитната база на банките. Притоа, се бележат натамошни поволни движења во структурата на штедењето, со раст на денарските и на долгорочните депозити.

На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.