Околу 6.000 британски туристи се очекуваат ова лето во Охрид со воведувањето на двете нови авиолинии на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ од аеродромите во Лондон и Манчестер што од денеска почна да ги реализира авиокомпанијата ТУИ ервејс Велика Британија.
На официјалната церемонија за пречек на првиот лет од Манчестер, присуствуваа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и извршниот директор на ТУИ Ервејс Велика Британија за скијање, езера и планини, Крис Логан.
– Убеден сум дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, развој на авиосообраќајот, бидејќи нови авиолинии значат зголемен број на туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој, истакна министерот Бочварски.
Говорејќи за важноста на Охрид како најголем туристички центар во државата, потсети на политиките на Владата за обезбедување негов забрзан развој.
– Ова поврзување на Охрид до аеродромите во Лондон и Манчестер е голем бенефит исто така и за сите наши граѓани, бидејќи тие аеродроми овозможуваат значајни врски кон остатокот од Европа и светот. Продолжуваме да ги реализираме нашите успешни политики за обезбедување квалитетни услови во авиосообраќајот, за нови дестинации за граѓаните и зголемен број туристи во нашата земја, рече Бочварски.
Нагласи дека Владата останува фокусирана на унапредување на цивилното воздухопловство и авиосообраќајот.
– Наша цел е максимално да ги искористиме капацитетите на нашите два меѓународни аеродроми и на граѓаните да им понудиме нови можности преку нови и атрактивни дестинации, подвлече Бочварски.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт информира дека туристите ќе може да пристигнуваат се до 20 септември во Охрид, со еден лет неделно, односно секоја среда.
– Од денес, 31 мај се очекува дека во Охрид ќе пристигнат приближно 6.000 илјади британски туристи. Како ТАВ аеродромски оператор, Охрид отсекогаш ни бил важна локација за нас, заради културното наследство што го поседува и како можност за развивање на туризмот, истакна Курт.
Со воведувањето на новите летови од Манчестер и Лондон, нагласи, британските туристи ќе имаат можност да ја посетат оваа неверојатна дестинација со тоа што ќе имаат можност да го посетат стариот дел на Охрид кој е на листата на УНЕСКО, античките локалитети и да ја пробаат добрата храна, гостопримството, како и локалната традиција.
– Патниците кои пристигнуваат од Манчестер и Лондон ќе имаат можност да уживаат во се тоа што може да им го пружи Охрид. Веруваме дека за секого има по нешто во што може да ужива тука, рече Курт.