Санкционираните земји се во можност да вршат директни трансакции, објави заменик-шефот на Централната банка на Иран.

Иран и Русија официјално се префрлија од западниот финансиски клириншки систем SWIFT на механизам за директен меѓубанкарски трансфер, изјави заменик-шефот на Централната банка на Иран (ЦБИ).

Мохсен Карими за иранската државна телевизија во неделата изјави дека системот им дозволува на компаниите во двете земји да тргуваат во нивните соодветни национални валути наместо да користат долар или евро, објави новинската агенција FARS.

„Ги поврзавме мрежите за финансиска кореспонденција на двете земји“, објасни тој.

„Тоа значи дека на банките на нашите две земји повеќе не им е потребна Швајцарија за да комуницираат меѓу себе и комерцијалните банки од двете земји можат да воспостават брокерски односи меѓу себе. [Иранскиот] извозник сега може да ја наплати руската страна во риали и да добива пари од нив преку руските банки во Иран“, додаде Карими, истакнувајќи дека системот овозможува и плаќања во руски рубли.

SWIFT со седиште во Белгија е високобезбеден банкарски систем за пораки што овозможува финансиски трансфери низ целиот свет. Додека голем број земји имаат свои системи за испраќање пораки, повеќето глобални трансакции сè уште се спроведуваат преку SWIFT. Минатата година клучните руски банки беа исклучени од мрежата како дел од санкциите поврзани со војната во Украина.

Западните ограничувања ја принудија Русија активно да го промовира својот домашен платен систем, SPFS, првпат воведен кога САД ја таргетираа земјата со санкции во 2014 година, како алтернатива на SWIFT. Системот, кој ја олеснува размената на финансиски пораки меѓу банките на домашно и на меѓународното ниво, имаше 514 учесници, вклучително и 131 странски субјект од 15 земји, заклучно со првата половина од минатата година.

И Иран и Русија беа мета на западните санкции. Земјите прво објавија планови за укинување на западните валути од меѓусебните порамнувања и користење алтернативни финансиски системи во трговијата во 2022 година. За време на состанокот помеѓу шефовите на нивните централни банки кон крајот на минатиот месец, Техеран и Москва потпишаа договор со кој се формализираше оваа аспирација.