Aгенцијата на Обединетите нации УНДП побара воведување на привремен основен приход за 2,7 милијарди сиромашни луѓе во светот во услови на пандемија на корона вирусот.

ОН соопшти дека ваквите мерки може да го запрат ширењето на вирусот со тоа што ќе им дозволат да останат дома на оние што се близу или над границата на сиромаштијата во 132 земји во развој.

Од УНДП истакнуваат дека Седум од десет работници во посиромашните земји во моментов заработуваат приходи преку неформални пазари и не можат да си дозволат да останат дома.

Невидени времиња бараат невидени социјални и економски мерки. Воведувањето на привремен основен приход за најсиромашните во светот се појави како една од опциите. Пред само неколку месеци, ова можеби се чинеше незамисливо. Привремениот основен приход може да им овозможи на владите да им обезбедат на луѓето во карантини спасителна финансиска помош, да инјектираат пари во локалните економии за да им помогнат на малите бизниси да преживеат и да го забават катастрофалното ширење на Ковид-19 – изјави шефот на УНДП, Ачим Стајнер во соопштение за медиумите.

УНДП проценува дека обезбедувањето таков привремен, загарантиран основен приход би чинел најмалку 199 милијарди долари месечно.

Според агенцијата, ова би можело да се финансира преку пренаменување на постојните средства, како што се субвенциите за фосилните горива.

УНДП смета дека годинава земјите би можеле да ги пренаменат средствата што ги користат за да ги сервисираат долговите за исплата на тој грант.