Ако пред две години, еден од четири платежни налози беше извршуван електронски, а останатите три на шалтерите на банките во хартија, веќе во 2020 година и во првата половина од 2021 година, секој трет налог се извршува електронски. Тоа значи дека граѓаните сѐ повеќе ги користат придобивките од електронското банкарство и електронските услуги коишто ги нудат банките, истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во гостување во утринската програмата на Македонската телевизија, наведувајќи дека електронските плаќања се безбедни и носат бројни придобивки за граѓаните.

– Пандемијата го менува начинот на живеење на луѓето, а со тоа и нивните навики во начинот на плаќање. За заштита на сопственото и јавното здравје, граѓаните сѐ повеќе ги ползуваат придобивките на дигиталните плаќања, мобилните апликации и платежните картички. Ова беше особено видливо во првите месеци од пандемијата, кога растот на овие плаќања беше 110% и со тој интензитет продолжи и во наредниот период. Според последните официјални податоци на Народната банка во доменот на платежната статистика за првиот квартал од оваа година, бројот на плаќањата со платежни картички е повисок за 44% во однос на истиот период од минатата година ‒ посочи Нацевска.

Вицегувернерката истакна дека користењето на платежните картички е сосема безбедно, бидејќи банките кај нас издаваат картички коишто воопшто не заостануваат во технолошките решенија коишто се нудат во светски рамки.

– Се обезбедуваат сигурносни стандарди за извршување на плаќањата со картички и преку електронското банкарство, коишто воопшто не заостануваат со барањата во меѓународните стандарди. Сите  ние сме корисници на картичките „виза“ или „мастеркард“, коишто се меѓународно брендирани и зад кои постојат навистина високи сигурносни стандарди. Ова се клучните фактори за безбедно извршување на плаќањата и оттаму, колку повеќе се ползуваат, толку помала ќе биде изложеноста и непотребното чекање пред шалтерите во банките ‒ посочува Нацевска.

Вицегувернерката најави и дека се работи на обезбедување на можноста за воведување нови, иновативни технолошки решенија ‒ финтек, коишто ќе им обезбедат уште поширока палета услуги на граѓаните и фирмите.

– Се очекува дека финтек-компаниите ќе се појават наскоро, со стапувањето во сила на новиот Закон за платежни услуги и платни системи. За да се овозможи употребата на овие услуги, потребно е да се воведе концептот на „отворено банкарство“, односно отворена и сигурна комуникација на финтек-компаниите, банките и граѓаните и компаниите, како корисници на платежните услуги. За нас како држава, финтек-секторот треба да претставува можност за нашите граѓани и фирми за користење на платните услуги коишто се користат во развиените земји. Ова е голем чекор напред, големи се очекувањата, но секако ќе треба време да се оствари ‒ посочи Нацевска.

Законската основа, како што рече вицегувернерката, ќе биде поставена наскоро, но понатаму ќе следи процесот на лиценцирање и воспоставување безбедносни стандарди, бидејќи сигурноста на средствата во банките е она што е основно и што прво треба да се обезбеди.