Околу 11 000 граѓани се уште ги чекаат парите од „Мој ДДВ“ што треба да ги исплати Управата за јавни приходи. Немаат исплата за месеците јануари, февруари и март, иако рокот за поврат е пробиен и сега веќе истекува и последниот месец од второто тримесечие.

Директорката на УЈП вели дека до сега се исплатени над 230 илјади граѓани и налози за исплата на мој ДДВ Управата пушта секој ден. Но грешки има. Дел од транскациските сметки се погрешно внесени, дел пак, од граѓаните не ја завршиле до крај постапката за регистрација.

Граѓаните кои на апликацијата МојДДВ по грешка стиснале дека ќе ги донираат парите за борба против Ковид-19, имаат рок уште неколку дена да си ги бараат парите назад.

Управата за јавни приходи се уште ја адаптира апликацијата Мој ДДВ согласно Уредбата на Владата за зголемување на повратот на ДДВ за купување на домашни производи. Наместо досегашниот поврат на 15 проценти од целиот платен данок, повратот за домашните производи се зголемува на 20 проценти, а на увозните се намалува на 10 проценти.

Од Владата велат дека ваквата мерка е со цел да се поттикне потрошувачката на домашните производи и услуги и ќе трае до крајот на годината.

Преку мерката Мој ДДВ, до сега 10,7 милиони евра завршиле во џебовите на граѓаните.