За надминување на амбиентот во кој функционира домашната економија потребно е сите да ги „засукаме ракавите“, да се обединиме во нова Алијанса за поддршка на државата во справување со мулти кризата со акцент на неколку приоритети.

Изјава Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Цениме дека е потребно да отвориме серија од неколку прес конференции на кои ќе ја искажеме моменталната состојба која владее во реалниот сектор, бидејќи во соработка со 160 компании со кои имаме дневна комуникација добиваме се повеќе алармантни и загрижувачки информации кои се обидуваме да ги обработиме и да ги проследиме до јавниот сектор, и на тој начин да си помогнеме сите.

Управниот одбор на СКСМ во четвртокот одржа своја седница за да ги констатира алармантните состојби и пораката што ја испраќа до јавниот сектор е дека во вакви моменти искуствата наши покажуваат дека информациите до кои доаѓа приватниот сектор треба да бидат приоритетни и најзначајни бидејќи нивното сигнализирање и мерките кои се преземаат имаат огромно значење во временската димензија во која се поставени. Просто и едноставно кажано не можеме да чекаме да ги видиме статистичките податоци па дури потоа да правиме некакви интервенции, туку треба да се верува на секторот кој јасно и гласно ги добива тие во секојдневната комуникација.

Дека сме во право во однос на оваа работа и мислиме дека тоа е правиот пат е и најновата компаративна анализа што доаѓа од нашиот најголем трговски партнер Сојузна Република Германија која е од петокот, пред два дена а која кажува дека според анализите на Економскиот институт од Минхен се очекува падот на германското стопанство во наредниот период да биде од 15 % поради недостиг на суровини најмногу во автомобилската индустрија, што значи дека почнуваат да се остваруваат нашите прогнози изнесени уште пред еден месец дека ако дојде до ваква ситуација кај нашиот најголем трговски партнер, последици ќе има и врз македонското стопанство. И денес тоа го имаме како последица бидејќи дел од работниците седат дома и не работат а проблем е што не се работи во повеќе смени. Зборуваме во име на 594.243 лица, вработени во приватниот сектор. Само за споредба, во јавниот сектор по сите основи работат само 18 % од луѓето, така што мислам дека е јасна тенденцијата за што зборуваме, во чие име зборуваме и каде треба да се насочат активностите.

Денеска информираме преку претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите за едни од најсериозните проблеми со кои се соочуваат градежните компании во услови на криза.

Изјава Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората

Со оглед на намаленото учество на градежништвото во Бруто-домашниот производ од 0,5 процентни поени и со оглед на бројот на вработени во однос на што има тренд на опаѓање и над 2.000 откази, како и во услови на работење за време на тешка здравствена, економска и воена криза, а што е поважно во услови на ниска реализација на капитални инвестиции и лошо и споро администрирање на сите проблеми при реализација на тие инвестиции, проблемот со зголемување на цените на градежните материјали не може да се изостави и мора да биде решен одма и сега. Сите ќе бидеме одговорни доколку во веднаш не почнеме да го решаваме тој проблем со оглед на тоа дека последиците од истиот би биле катастрофални и би влијаеле катастрофално на еден од најголемите стопански сектори во државата.

Импликации од овој проблем има во сите сфери, а најмногу во доменот на јавните набавки. Кај тековните јавни набавки и проекти кои повеќе години се реализираат, проблем е што компаниите работат во услови на непроменети цени пропишани во договорите, а онаму каде што има пропишано клизна скала истата не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста.

Кај оние капитални проекти кои се пропишани и евалуирани но не се започнати, проблемот е што цените кои се пропишани и евалуирани повеќе не се исти со оглед дека од ден на ден се зголемуваат.

А трета и најголема импликација е неизвесноста во која градежништвото се наоѓа при настап на новите јавни набавки и проблемот дека условите по кои се пропишуваат тие се оние услови кои ги имавме една, две, пет и десет години, т.е. во услови кога нормално се живееше и работеше.