Од еколошките даноци за енергентите, за транспортот и од надоместокот за загадување, во државната каса годишно се собираат над 200 милиони евра, или тоа е износ еднаков на 1,9 проценти од бруто-домашниот производ. Покрај еколошките даноци, се собираат и пари од разни надоместоци за извршени услуги за заштита на животна средина (во 2020 година се собрале 25 милиони евра).

Овие бројки ги открива Државниот завод за статистика, но податоците за расходите, односно за трошоците за заштита на животната средина, покажуваат дека тие се значително помали од еколошките приходи?!

Во време кога за еколошките теми се погласно се зборува, кога се очекува новиот еколошки данок за бензините и за дизелот, како и новиот еколошки фонд од парите од биоразградливите кеси, „Пари“ анализира колку пари се собираат од еколошките даноци, колку изнесуваат трошоците за животната средина, колку отпад се прави, колку останал несобран…

ПАРИТЕ ОД ЕКОЛОШКИТЕ ДАНОЦИ ПОГОЛЕМИ ОД ТРОШОЦИТЕ ЗА ЕКОЛОГИЈА

Статистичките податоци покажуваат дека во сите изминати години парите собрани од еколошките даноци биле поголеми од трошоците за животна средина, а тоа особено било изразено во 2019 година кога од еколошки даноци се собрале 219 милиони евра (плус пари имало од надоместоците, како на пример од надоместокот за управување со отпад),  но за заштитата на животната средина се потрошиле вкупно 123 милиони евра

Еколошки даноци и трошоци за заштита на животната средина

Според дефиницијата на Државниот завод за статистика, во трошоците за заштита на животната средина спаѓаат сите трошоци – и оние направени од фирмите и оние од државата, и тоа за инвестиции, или за одржување на опрема во сите области на животната средина: управување со отпадни води, со отпад, бучава, воздух… Она што уште повеќе укажува на „вишок“ пари од еколошките даноци е што најголем дел од инвестициите, како составен дел од вкупните трошоци за заштита на животната средина, во 2019 година се направени во индустријата (60%), а тој процент е сличен и во претходните години.

Во однос на структурата на собраните еколошки даноци, статистичките податоци покажуваат дека учеството на даноците на енергенти е околу 65%, на даноците од транспорт е околу 34%, додека околу 1% се движат даноците за загадување.

И покрај бројки за недоволната искористеност на парите од еколошките даноци, во Собранието на ред чека Предлог-законот за изменување на Законот за животна средина според кој треба да се воведе еколошка такса за бензините од 3,1 денар и за дизелот од 3,5 денари, за разлика од сега, кога надоместокот за животна средина за бензините изнесува 0,08 денари за литар, а за дизелот 0,03 денари.

ЕДНА ТРЕТИНА ОД КОМУНАЛНИОТ ОТПАД ОСТАНУВА НЕСОБРАН

Што се однесува пак до собраниот комуналниот отпад (во кој спаѓаат и пластичните кеси, но чиј удел е незначителен),  податоците покажуваат дека во последните 3 години се собирале по околу 630.000 тони комунален отпад во текот на една година (од домаќинства, од фирми и од институции). Но, податоците откриваат и дека околу една третина од создадениот комунален отпад не се собирал!

Создаден и собран комунален отпад

Државниот завод за статистика на секои две години објавува податоци и за вкупниот отпад од сите економски дејности создаден во државава. Наредната година треба да се објават податоците за 2020 година, па последните располжливи се за 2018 година. Од досега објавените податоци може да се забележи дека количините на отпадот од економските дејности се намалува. Што се однесува до рециклирањето на отпадот, разликите по години се големи, но факт е дека 2018 година била значително добра во однос на рециклирањето.

Отпад создаден од економски активности

Од сите овие податоци може да се заклучи дека е неопходно подобро каналзирање на еколошките даноци во еколошки проекти и поголема органзираност во однос на собирање на комуналниот отпад. Особено ако се земе предвид дека пари за екологија ќе има уште повеќе, како од новите еколошки даноци за горивата, така од биоразградливите кеси кои веќе се наплатуваат по 15 денари, со тоа што по 12,3 денари одат во посебен фонд за животната средина.
Целата анализа е достапна т у к а