Новиот предлог закон за виното го помина првото читање во Собранието. Во него, за прв пат производствената цена на винското грозје ќе се дефинира, најдоцна до 15 -ти јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти.
Во новиот закон за вино за прв пат ќе се дефинира цената на винското грозје. Постапката ќе биде со методологија што ќе ја утврдува Министерството заедно со високонаучна установа. Најдоцна до 15 јули во тековната година за најмалку две најзастапени сорти – смедеревката и вранецот парите за откуп на еден килограм ќе се утврдуваат со пресметување на трошоците за производство на грозје и трошоците за производство на вино.
Овој закон е целосно усогласен со европските и со заштитата на географските ознаки. Традиционалниот назив на виното на национално и меѓународно ниво се заштитува со традиционална ознака.
Вината со географска ознака ќе треба да исполнуваат одредени барања во однос на квалитетот или географските карактеристики. Тие треба да бидат произведени во дефинираното географско подрачје од коешто исклучиво или во најголем дел потекнува и грозјето од кое се прават.
Производството на вино со географска ознака ќе биде следено од сертифицирани субјекти, а сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат запишани во соодветен регистар во министерството за земјоделство.
Винарството има континуиран раст на извозот во последните години, а девизниот приход е над 60 милиони евра годишно.