Од НУК велат дека угостителите и вработените во угостителската индустрија се корисници на безмалку 100.000.000 евра комерцијални краткорочни и долгорочни кредити од македонските банки кои поради пандемијата не можат да ги подмират.

Независната угостителска комора бара одложување репрограмирање на сите доспеани обврски по основ кредити и камати во комерцијалните банки. Од комората, како што информираат, денеска до гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска, преку електронска пошта  доставиле иницијатива за промена на законска регулатива и останатите законски прописи со кои ќе им се овозможи на банките да ги одложат и отпишат или репрограмираат сите доспеани обврски и кредити на друштвата и нивните вработени од угостителска индустрија за период од најмалку една година од завршување на пандемијата.

Како што стои во информацијата, угостителите и вработените во угостителската индустрија се корисници на безмалку 100.000.000 евра комерцијални краткорочни и долгорочни кредити од македонските банки. Скоро да не постои угостител или угостителски работник корисник на разни кредити кои минатите месеци секојдневно не се соочува со притисоци на телефонски јавувања и други опомени од банките за плаќање доспеани обврски по основ на кредити, камати и рати.

„Факт е дека роковите од минатата година со кои се направени репрограмирање од страна на банките завршија, но пандемијата сѐ уште трае со што угостителите и вработените во угостителската индустрија повторно се соочуваат со предизвици да ги исполнуваат обврските по основ на рати и камата во услови кога работат со половични капацитети и ограничено работното време со посебен режим на строги препораки и протоколи за работа или им е забранета во целост вршењето на дејноста. Со оглед дека ниедна комерцијална банка ниту Народната банка не превземаат активности за промена на законска регулатива, одлуки, акти и останати законски прописи со кои ќе им се овозможи на банките да направат одлагање, отпишување или репрограмирање на доспеани обврски – рати за кредити и камати на најзагрозените индустрии кои трпат енормни последици, штети и загуби поради пандемијата ковид-19 ја поднесовме оваа иницијатива до гувернерката на Народна банка“ стои во информацијата на НУК.

За иницијативата се информирани и банките, Претседателот на државата, премиероти како и министрите за финансии и економија.

„Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде прифатена со што ќе се изнајдат начини и модели да се отпишат дел од долговите по основ на камати, да се одложат и репрограмираат сите доспеани обврски заклучно до 30.04.2021 година и да се овозможи дополнителен грејс период на исплата на рати заклучно со 30.04.2022 година со што би им се овозможило не само на угостителите, туку и на угостителските работници да ги стабилизираат своите приходи, изнајдат сили да ги подмират другите доспеани обврски и да ја сочуваат и продолжат својата работа и егзистенција со насмевка и ведрина“, стои во информацијата.