Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ја посети винарницата „Камник“, од каде што извести за рангирањето на Северна Македонија како 13-та држава во светот на скалата по девизен прилив остварен од извоз на вино, според податоците на World Top Export.

„Ова се одлични резултати за една мала земја како нашата, која се натпреварува со далеку поголеми држави. Ние во 2022 година сме оствариле девизен прилив во вредност од речиси 60 милиони евра. Нашата анализа покажа дека во текот на годините ние сме успеале да го одржиме производството и површините со лозови насади, а притоа да ја зголемиме вредноста на извезеното вино. За пример, во 2021 и 2022 сме извезле приближно иста количина вино, но во 2021 имаме околу 50 милиони евра, а во 2022 околу 60 милиони девизен прилив, значи 10 милиони евра повеќе за една година. Ова се должи на зголемениот квалитет на виното и зголемениот извоз на вино во шишиња, како и на многуте нови брендови, кои ги освојуваат странските пазари. И во тој правец треба да продолжиме, да го зголемуваме квалиетот на произведено винско грозје за да имаме уште поквалитетни вина“, изјави министерот Николовски.

Според анализите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за изминатите седум години од 2016 до 2022, ние за лозарите и винарниците сме исплатиле речиси 90 милиони евра по разни основи, а само во една година сме вратиле назад во буџетската каса, две третини од овој износ, односно 60 милиони евра. Ова доволно зборува зашто посветуваме особено внимание токму на овој сектор и ги опрадува сите пари што сме ги исплатиле кон лозарите и винарниците во годиниве наназад.

„Македонското вино е нешто со што се гордееме. Најдобар промотер на нашата земја, најгласниот и најдиректниот маркетинг за нашата земја. Јасно и силно го рефлектира успехот на нашата стратегијата, со што винскиот сектор доживеа револуционерен развој. Ние денеска зборуваме за над 200 винарници, а само пред неколку години беа триесетина. Ние денеска не сме невидливи во тој глобален вински свет, напротив, силно зрачиме и секој што следи вински параметри сѐ почесто ќе го чита името на Северна Македонија“, потенцира министерот Николовски.