Казината во САД го имаа најдобриот квартал во заработката во првите три месеци од оваа година, бидејќи коцкарите се вратија во казината среде свирепата пандемија, а обложувалниците преку Интернет исто така помогнаа да се зголемат приходите.

Податоците од вчера, објавени од Американската асоцијација за коцкање, покажуваат дека казино-индустријата заработила 11,1 милијарди долари во првиот квартал, објави АП.

Тоа е еднакво на најдобриот резултат во историјата на казината по третиот квартал на 2019 година, а бројките не вклучуваат казина кои припаѓаат на Индијанците.

Првиот квартал од 2021 година им донесе на казината скоро 18 проценти повеќе приход од првиот квартал на 2020 година, кога пандемијата започна да се зема замав, а приходите беа за четири проценти повисоки отколку во првите три месеци од 2019 година.

Бројките добиваат на тежина кога сметате дека повеќето казина продолжуваат да работат под ограничувачки мерки, со ограничен капацитет.

“Денешните резултати покажуваат дека коцкањето се враќа во нормала. За време на пандемијата, нашата индустрија се соочи со многу предизвици. Ние нудиме одговорно и безбедно коцкање, возбудливо опкружување за клиентите. Индустријата за коцкање направи импресивни резултати со врзана една рака, поради ограничувачките мерки низ целата земја “, рече Бил Милер, претседател на Американската асоцијација за коцкање.

Извршниот директор на казиното „Океан“ во Атлантик Сити, Тери Глебоски, рече дека бројот на клиенти во нивниот објект е зголемен оваа година.

“Не верувам дека ќе видиме уште повеќе луѓе да доаѓаат во казината. Веќе имаме многу побарувања тука. Луѓето сакаат да излезат и да се забавуваат, а тоа е она што го правите во казиното”, рече Глебоски.

Од спортски обложувалници се заработени 961 милиони долари, што е рекордно зголемување од 270 проценти во споредба со претходната година, а бројката веќе ја надмина цела 2019 година, кога беа заработени 909 милиони долари.