Жал ми е што ќе мора да ги разочарам кафанските анти-Амери и салонските левичари, но нивниот сон за мултиполарен свет засега е далечна утопија.

Под мултиполарен свет се мисли повеќе поврзани и неповрзани теми. Едните под тоа подразбираат распад на НАТО алијансата. Други, пад на доминација на Американскиот долар. Трети пад на сатанизмот. И тако далје.

Еден пријател Американец од Естонија убаво си кажува – Отсекогаш било лесно да се мрази Мурика.

Ова што сега мислиме дека се случува под покровителство на Русија нема врска со мултиполарен свет. Нов мултиполарен свет не се раѓа кога една држава врши инвазија врз друга. Камо да беше така едноставно.

Почетокот на глобализацијата во 1960-ите

Да се вратиме назад малку во историјата. Бретон Вудс (Bretton Woods). Новиот монетарен поредок воспоставен во 1945 година, после војната. Не траеше ниту дваесет години односно се распадна дури и пред Никсон официјално да го укине во 1971 година.

Периодот на падот на Бретон Вудс беше воедно и периодот на зачетокот на глобализацијата. Стегите врз меѓународното движење на капитал се ослободија, трговските текови се глобализираа а меѓународните банки ја формираа феноменалната приватна форма на пари наречена евродолар што ќе ги финансира овие глобални текови. 

Развојот на евродолар системот се случуваше надвор од лупата на  регулаторите  и функционираше небаре магија. Евродоларот го замени Американскиот долар во меѓународните трговски текови и ја доби улогата на глобална резервна валута. Кога ли нашите кафански експерти ќе прочитаат дека светот не е под Американски долар барем едно педесет години…

Периодот на глобализација продуцираше забрзан економски раст кој извлече цели земји од сиромаштија кулминираше во периодот од 1990тите до 2007 година. Случајно, баш во тој период на глобализација се родија БРИКС, Азиските тигри, цели земји од глобалниот југ почнаа да излегуваат од сиромаштија. 

Знаеме што се случи во 2007 година. Светската Финансиска криза, која на површината изгледаше како да е хипотекарна шпекулативна криза но всушност беше криза на монетарниот систем и неговата способност да “печати” резервна валута (евродолар) за понатамошен раст на светската економија.

Пукањето на евродолар системот воедно го означи и почетокот на деглобализацијата, настан што тешко ги погоди земјите во развој a симптомите наскоро станаа видливи и за пошироката јавност. Накратко ќе се осврнам на неколку од нив.

Индија

Во Јуни 2018 година, бившиот гувернер на централната банка на Индија излезе со тврдење кое од тогаш натаму доби култни пропорции за оние што разбраа што сака да каже:

Dollar funding has evaporated, notably from sovereign debt markets. Emerging markets have witnessed a sharp reversal of foreign capital flows over the past six weeks, often exceeding $5bn a week. As a result, emerging market bonds and currencies have fallen in value.

Односно:

Доларските извори на финансирање исчезнаа… 

(останатото е небитно за превод)

Русија. 

Првите потреси се јавија веднаш по Азиската Финансиска криза во 1997 година (повторно криза на недостаток на евродолар), кога во 1998 година пропадна Long-Term Capital Management, мега хеџ-фонд со огромна изложеност кон Русија. 

Вториот уште посериозен удар следуваше во 2007 година.

Третиот и фатален беше за време на “тивката Финансиска Криза” од 2011 година за која меинстрим медиумите не известуваа а која сепак беше регистрирана на база на фактот што Федералните резерви повторно иницираа “печатање пари” – Quantitative easing како и во 2007 година. Наредните години гладта на Русија за долари е забележлива преку нивното продавање на Американски државни обврзници:

Oва ли е предводникот на новиот мултиполарен свет? Напротив. Како што објаснив овде, Русија е ефективно исклучена од глобалната резервна валута (евродолар) уште од 2011 година.

Кина

Кина успеа да се држи соземена подолго време но шоковите се евидентни и таму. Неодамнешниот пад на Evergrande (кинескиот Lehman Brothers) е само еден од видливите симптоми, но не само тоа.

Oва се случи неодамна, во Декември:

Одеднаш Кина почна повторно да го опева Мао Зедонг, еден од најголемите убијци во 20-век.

Но зошто?

За да го провоцира Западот? 

Тешко.

Ајде малку Кинеска историја. Денг Жаопинг (Deng Xiaoping) ја извлече Кина од канџите на Мао после неговата смрт во 1976, надмудрувајќи ги своите противници пришто конечно беше крунисан за време на третата Пленарна Сесија од 11-иот Централен Комитет на Партијата. 

Во споредба со Мао, Денг Жаопинг беше реформатор, заклучи дека мора да му сврти грб на нивниот прв мегаломански лидер (подучен и од она што ја снајде Советската Рубља во 1990тите). За разлика од Советите и нашите лажни левичари овде, некој сериозно ги сфати учењата на Карл Маркс дека не е можно да воспоставиш ‘социјалистички рај’ во земја која сеуште не поминала низ капиталистичката фаза на создавање богатство. Дека социјализам во сиромашна аграрна земја би имало катастрофални последици. Затоа Жаопинг го иницираше проектот капитализам (со кинески карактеристики). Неговиот реформаторски менталитет во 1990-ите случајно се поклопи со периодот на глобализацијата напојувана од евродоларот. Совршена случајност, иако само случајност.

Во следниве 20 години Кина јуришаше напред без да притоа ниту еднаш има потреба да негува спомени од својот претходен лидер. Нештата одеа на добро, никој не се дрзнуваше да рече дека глобализмот е лош, сатанистички. Се до 2011 година – Годината на невидливата Финансиска криза. 

После само две години, Комунистичката партија на Кина го објави т.н. Документ 9 во кој меѓу другото ги образложи “Седумте зла” за Кина преку кои ефективно ја нападна секоја форма на “Западно” размислување, вклучително и неолибералната трговија (тоа што ја направи богата последните 20 години) и концептот на уставен поредок. 

Глобализмот одеднаш стана лоша и непосакувана појава културен феномен против кој традиционална Кина треба да се бори. Истата таа година милитаристичката реторика на Ши Жинпинг (Xi Jinping) му донесе победа на претседателските избори а либералната реформска реторика што ја застапуваше Ли Кекјанг (Li Keqiang) како екстензија на либерализмот на Жаопинг и Ху Џинтао беше поразена. 

Победата на Жинпинг во 2013 година го означи почетокот на вовлекување на Кина во себе и изолација од т.н. Запад – а со тоа и интензивирање на процесот на деглобализација што беше инициран во 2007 година. Додека течеа доларите Кина немаше проблем со Америка ниту со глобализацијата. После втората пукнатина на евродолар системот настана геополитичко заладување на односите. Случајност? Тешко. Во светот на економијата е познато правилото – Ако стапката на промена на економијата оди долу-стапката на промена на геополитичката сцена оди горе. Секогаш и секаде, геополитичките тензии што се јавувале ширум светот се воедно и периоди на забавен економски раст. 

China NBS (Official) – Manufacturing

Што ме води до финалната поента.

Не е можен мултиполарен свет при деглобализација

Во периодот од 2007 година наваму светот сведочи тренд на деглобализација. 

Подемот на алт-десничарски автократи како што се Нарендра Моди, Виктор Орбан и Владимир Путин како и воспевањето на Мао Зедонг се забележителен тренд при секој период на деглобализација во историјата (глобализацијата од 1960-2007 не е првиот бран на глобализација последниве 200 години). 

Проблемите во монетарната машина продуцираат недоволен економски раст, недоволниот економски раст продуцира социолошки и политички проблеми. При недоволен економски раст, населението станува склоно кон радикализам и изолационизам.

Да се вратам на салонските левичари, анти-сатанистите и Мурика-хејтерите. Залудни се соништата за детронирање на Америка и Американскиот долар. Уште пред омразата кон Америка да стане кул, светот се обидуваше да стори нешто за да се замени доминацијата на Американскиот долар. На пример, во 2015 година Кинескиот Јуан беше вклучен во SDR пакетот на Меѓународниот Монетарен Фонд. SDR (Special Drawing Rights) е фиктивна валута што се потпира на кошница на валути составена од валутите на најголемите светски економии. SDR беше предвидено да стане замена за доларот, но безуспешно. Немаше практична примена. 

Бесмислени се и инсистирањата дека Кина или Русија или било која друга светска сила коваат заговор да го симнат доларот и нивната валута да стане глобална резервна валута бидејќи ниту една земја вклучително и САД не би сакала да нејзината валута ја игра таа улога поради т.н. Трифинов Парадокс – доколку твојата национална валута е воедно и глобална резервна валута, огромната побарувачка за неа би ја зголемила нејзината цена а со тоа би го поскапила извозот на твојата земја. 

А реков и погоре, самиот обид за создавање на SDR како замена за доларот не беше само неуспешен туку и промашен обид бидејќи рековме дека евродоларот а не Американскиот долар е глобалната резервна валута. 

Ниту Кина, ниту Индија, ниту Русија ниту трите заедно имаат моќ да ги детронизираат САД ниту пак имаат некаква цел да го направат тоа. Поимањето на далеку посложени феномени небаре се геополитичка партија шах е наивност и незнаење. 

Деглобализацијата почна со распадот на евродолар системот кој воедно ја исполнуваше улогата на глобална резервна валута се до 2007 година. Од тогаш натаму престана да функционира а со тоа беше прекинат понатамошниот тренд на глобализација. Се бара замена за евродолар системот, а во меѓувреме, процесот на деглобализација продолжува, поларизацијата се засилува.

Храбриот нов свет на чело со Америка – Повторно!

Глобализацијата од 1960тите наваму донесе мир и просперитет невиден дотогаш. Деглобализацијата од друга страна повторно ги поларизира општествата и не втурнува во нова Студена војна. Од 2007 година наваму БРИКС забрзано го губаат својот статус на земји во развој, најмногу Русија. Во таква атмосфера на недостиг на раст, алт-десницата и национал-социјалистите добиваат се поголем простор за ширење, стануваат aтрактивни меѓу популацијата а знаеме дека првичниот импулс на алт десницата е вовлекување во себе, затварање, изолационизам, протекционизам под маската на некакво си враќање кон традиционални вредности – анти глобализам. Анти раст. 

Ова го гледаме во Русија веќе подолго време. И Кина повторно ги изрази своите симпатии кон својот поранешен лидер. Индија почнува да се изолира од западот на база на потрагата по нивната античка слава. Слично и Виктор Орбан во Унгарија. Слично и Болсоњаро во Бразил. Листата продолжува да расте.

На изолационизмот на големите земји во развој наскоро ќе реагираат и помалите. Сé повеќе земји ќе се вовлечат во изолационизам и протекционизам. Деглобализацијата ќе забрза и ќе доведе до деинвестирање, намален економски раст, дефлација.

Ова е трендот што го гледам пред нас. Проблемите во монетарната машина ќе предизвикаат социјални немири и пораст на радикалните струи, а повеќето од нас ќе бараме геополитички теории на заговор за да си го објасниме ова што се случува. Нема на повидок решение или замена за евродолар системот (освен можеби Биткоин).

Инвазијата на Русија врз Украина нема баш никаква врска со официјалното раѓање на нов мултиполарен свет. Билатералната трговија што очајно се обидува да ја развие Русија со Кина или со Индија во обид да ги заобиколи санкциите е само привремен мевлем. Не можат две земји со различни политички или економски систем да функционираат на база на бартер долго време, евентуално ќе имаат потреба од глобална резервна валута. Што ќе и е на Индија Руска рубља кога не може да ја троши надвор од Русија и кога Русија нема развиено робустни пазари на долг (debt markets).

Ова кон кое се движиме не е нов мултиполарен свет туку нов, вовлечен во себе изолационистички, деглобализиран свет каде недостигот на економски раст ќе доведе до повторен подем на сиромаштија а пак тоа ќе придонесе да популисти и автократи стануваат популарни политички опции. Капиталот забрзано ќе се отселува од земјите во развој а тоа ќе предизвика домино пад на нивните валути.

Каде ќе се пресели капиталот? Секако во најбезбедната дестинација – САД. Пропонентите на идеата за мултиполарен свет очигледно мислат дека наместо во САД, капиталот сеуште би се задржал во одредени регионални џебови (макар и со сила, преку капитални контроли) и на база на тоа мултиполарноста би се воспоставила, макар и на пониско ниво на економски раст од претходно. 

Ваквото резонирање е наивно. Живееме во ера на финансијализирана економија. Ова го велам бидејќи тогаш кога трендот на селење на капитал ќе забрза, леснотијата со која денес може да се движи капиталот ќе придонесе да не делумно туку целосно се повлече од земјите во развој. Овој пат контролите на капитал нема да бидат возможни како што беа во 1950тите, кога првично се воспостави Бретон Вудс. 

Мултиполарен свет е можен само при зголемена глобализација а не при деглобализација. Кога во 2000тите се збореше за Кина како ново економско чудо и предводник на еден нов мултиполарен свет, Кина немаше нападнато друга земја туку тој примат го стекна на база на своите економски перформанси (финансирани од евродолар системот).

Новиот мултиполарен свет беше на добар пат да стане реалност, да не се случеше 2007 година. Новиот мултиполарен свет имаше шанси доколку политичарите ја разбраа вистинската природа на проблемот што се јави од 2007 година натаму, но тоа не се случи судејќи според полусфарените решенија кои се промовираа како лек за проблемот, решенија од типот на quantitative easing – QA

Новиот мултиполарен свет ќе биде свет во кој капиталот ќе се досели назад во САД, а САД повторно ќе бидат на врвот но каде овој пат нема да заседаваат на глобализиран свет на раст и развој туку на бројни мали, во себе вовлечени дечиња. 

И за разлика од Југославија, овој пат, при деглобализиран свет, нема да има кој да ги финансира нашите повторни флертувања со социјализмот. Овој пат ќе го почуствуваме во неговата вистинска тежина, како што го почуствува и Естонија. 

А можеби така е и подобро.