Бесник Хасани од кумановското село Черкези е  револтиран од сметката за струја за месец декември која според него е двојно повисока. Тој вели дека не е логично разликата да биде повеќе од 100% знаејќи дека ги користел истите апарати и дека штедел при користењето  на електричната енергија.

„Износот на сметката е енормен во споредба со минатиот месец, односно  во споредба  со ноември бидејќи ова е сметка за декември. Во ноември потрошив 950 кв на час  а во декември  1800, разликата  е за 850 кв  на час“.

Хасани вели дека тој не е единствен случај со двојно повисока сметка за  струја. Случајот е пријавен во ЕВН од каде му одговориле дека може да има проблем со саатот за струја а Хасани се сомнева за електронско манипулирање со саатите.

„Има уште 7 – 8 лица со кои лично контактирав  во врска  со сметките за декември, а тие кои не добиле, ЕВН ќе ги изненади со честитка за Нова Година. Ме  известија дека ќе испратат екипа божем да извршат контрола на саатите, моите сомнежи се дека се манипулира со саатите, од каде, јас не знам, треба да знае некој друг“.

Инаку Хасани рече дека редовно плаќа струја и затоа по законски пат ќе се обиде да го детектира проблемот.

Од ЕВН за ТВ21 истакнаа дека сметките за електрична енергија се подготвуваат согласно реалната состојба на потрошувачот. Што се однесува до жалбите од граѓаните, од ЕВН  велат дека постои оддел кој се занимава со жалбите од потрошувачите и дека секоја жалба се третира на соодветен начин, а на потрошувачот му се испраќа повратна информација и по потреба се врши техничка контрола на саатот.

„Корисниците никогаш нема да плаќаат повеќе или помалку од потрошеното. Се случува поради различни причини, екипите на Електродистрибуција да не се во можност да го отчитуваат броилото (на пример: заклучен објект, спречување од самиот корисник, користење годишни одмори итн.) и во овој случај корисникот добива паушален износ на фактура согласно законските прописи. Износот на оваа фактура се порамнува со наредното отчитување“.

Инаку од овој месец  цената на електричната енергија ќе биде повисока за 10%.