Според очекувањата на Светска банка, инфлацијата во Косово годинава ќе забави до 3 отсто и постепено ќе падне на 2 отсто на среден рок. Затоа се очекува пад на каматните стапки до втората половина на 2024 година. Канцеларијата на Светска банка во Приштина изјави за Радио Косово дека предвидуваат забавување на инфлацијата до крајот на 2024 година. Сепак, според Светска банка, постојат ризици кои би можеле да доведат до отстапување од оваа проекција, вклучувајќи ја и можноста за враќање на инфлацијата поради засилување на геополитичките тензии, како и домашните притисоци за зголемување на платите.

„Светска банка во моментов прогнозира дека инфлацијата, мерена со индексот на потрошувачките цени, ќе забави до 3 проценти оваа година и постепено ќе се намалува на 2 проценти на среден рок“, се вели во одговорот на Светска банка. Според податоците на Светска банка, проекцијата се базира на очекувањата за помали притисоци кога се во прашање меѓународните цени на енергијата, храната и суровините, кои главно ги увезува Косово, пренесува Коссев.