Од 1 јули оваа година, Европската Унија (ЕУ) почнува да применува царинска давачка од минимум три евра за ппратки со ниска вредност што доаѓаат од земји надвор од ЕУ, најчесто преку онлајн трговија. Ова се однесува на стоки во вредност до 150 евра, што обично вклучува облека, играчки, електроника и слични производи за широка потрошувачка.
Милиони вакви пакети влегуваат во ЕУ секој ден и често содржат производи што не ги исполнуваат европските безбедносни стандарди, а честопати нивната вредност е намерно намалена или нивната содржина е лажно прикажана. Од друга страна, третманот без царина им даде нефер конкурентска предност на компаниите надвор од ЕУ во однос на компаниите од ЕУ што произведуваат и продаваат исти артикли.
Поради сето ова, во декември минатата година, земјите-членки се согласија за нова мерка, односно воведување царинска давачка од три евра за сите пакети со вредност до 150 евра. Сепак, оваа царинска давачка не се применува линеарно по пакет, туку според видот на предметот во него.
Во пракса, ова значи дека ако купите пет исти парчиња облека, како на пример пет маици, царинската давачка ќе изнесува три евра. Меѓутоа, ако во пакетот има три маици и часовник, царинската давачка ќе биде шест евра бидејќи станува збор за артикли со различна царинска класификација. Продавачот или увозникот ќе биде одговорен за пријавување и плаќање царински давачки.
Се верува дека новиот режим треба да помогне во создавање пофер атмосфера за европските компании и подобро да ги заштити потрошувачите од небезбедни производи. Целта е исто така да се намалат измамите при примената на царинскиот режим и да се има позитивен ефект врз животната средина со намалување на масовните пратки.
Општо земено, ЕУ, преку модернизација на царинските постапки, се стреми да го зајакне единствениот пазар и да ги принуди компаниите што ги продаваат своите стоки во ЕУ да го прават тоа под еднакви услови, исполнувајќи ги стандардите за безбедност и усогласеност.