Давор Мацура за само неколку години од сопственик на менувачници прерасна во еден од најагресивните играчи во регионалниот финансиски сектор. Преку Алта веќе влезе во банкарството и осигурувањето во Македонија, а следниот голем чекор е Адико.

Алта е во партнерство со Рајфајзен Банка Интернешенал (РБИ), чијашто понуда се покажа подобра од конкурентската на НЛБ за преземање на Адико. Според договорот, Мацура добива дел од победничкиот колач, кој му ги отвора пазарите во Босна и Херцеговина и во Црна Гора. Темпото со кое го шири бизнисот надвор од Србија го привлече вниманието на медиумите во целиот регион.

Бизнис сторијата почнува многу порано. Мацура ја започнал деловната кариера со мрежа на менувачници Алта, а подоцна бизнисот ги опфатил платежните услуги и други финансиски активности. Влезот во банкарството се случил преку преземањето на Јубмес банка, која подоцна го добива името Алта банка. Регионалните медиуми последниве месеци токму оваа трансформација ја опишуваат како премин од бизнис со менувачници кон поширока финансиска групација.

Македонија: прво банка, потоа и осигурување

Во Македонија, Алта веќе не е само потенцијален инвеститор. Групацијата ја презеде поранешната Стопанска банка АД Битола, па една од најстарите банки во земјата денес работи како Алта банка АД Битола. Но, Мацура не застана тука.

Во април годинава на Македонската берза беше реализирана блок-трансакција со 60.000 акции на ЗОИЛ Македонија АД Битола, за 1,7 милиони евра. Со трансакцијата купувачот стекна 100 проценти од акциите со право на глас. Потоа следуваше и докапитализација од 1,3 милиони евра, а друштвото го промени името во Алта Осигурување АД Скопје и седиштето од Битола го пресели во Скопје.

Регионалниот портал Време ја издвојува токму оваа комбинација – банка и осигурување – како доказ дека Алта во Македонија гради поширока финансиска понуда, а не само банкарско присуство.

Адико е следната голема мета

Најголемиот дел од регионалното внимание, сепак, е насочен кон Адико. Кога во мај РБИ ја објави понудата за преземање на Адико банка, го најави и договорот со Алта Група за потенцијален откуп на дел од бизнисот. По успешното завршување на преземањето, Алта да ги преземе Адико банка Белград, Адико банка Сараево, Адико банка Бања Лука и Адико банка Подгорица. Рајфајзен, пак, би ги задржал Адико операциите во Австрија, Хрватска и Словенија.

Според најавата на РБИ, преземањето на Адико се очекува во четвртиот годинешен квартал, а издвојуваето на банките што би ги презела Алта е планирано за втората половина на 2027 година.

Интересно е што Мацура не влегува однадвор во приказната за Адико однадвор. Алта група веќе поседува 1.878.167 акции на Адико банка, што претставува 9,63 проценти од капиталот. Покрај тоа, според последното известување на Адико, Алта има финансиски инструменти што покриваат уште 19,96 проценти од акциите. Рокот на овие инструменти бил продолжен до јуни 2027 година.

Затоа и регионалните медиуми неговото име сè почесто го ставаат во контекст на создавање нов финансиски играч во Југоисточна Европа.

Од финансиски услуги до цела групација

Мацура не гради бизнис само околу една банка. Во документите поврзани со понудата за Адико, Алта група е опишана како сопственик на Алта банка Белград, која пак ја поседува Алта банка Битола, а во групацијата се наведуваат и други активности, меѓу кои лизинг и финансиски услуги.

Во исто време, регионалните медиуми го следат и неговото ширење во други сектори. Независне новине пишуваат дека Алта Ритеил презема компании од хрватската Фортенова во Србиј. Со тоа во неговиот систем влегуваат 300 продавници под брендот Идеа, 22 маркети Рода и два хипермаркети Меркатор, застапени во 80 градови и места низ Србија.

Така, сликата станува многу поширока од една банкарска аквизиција. Од менувачница, преку платежни услуги и банка, до осигурување, лизинг и трговија – бизнисот на Мацура се шири во повеќе правци и на повеќе пазари.

За Алта, регионалната експанзија не завршува со една аквизиција. Прашањето веќе не е дали Мацура сака да излезе од српскиот пазар, туку колку голема финансиска и деловна мрежа сака да изгради во регионот.