Стотици невработени лица добиваат можност за ново занимање преку обуки за дигитален маркетинг, сметководство, нега, козметика, фризерство и готвење, а дел од нив се обучуваат директно кај работодавачи или за возачи со ЦЕ и ДЕ категорија

Во услови кога потребите на компаниите постојано се менуваат, а одредени професии стануваат сè побарани, преквалификацијата и стекнувањето нови знаења се меѓу клучните можности за да стигнат невработените луѓе полесно до работно место. Агенцијата за вработување преку своите редовни активности, но и преку активните програми и мерки за вработување, им овозможува на евидентираните невработени да стекнат практични знаења и вештини за занимања што се бараат на пазарот на трудот.

Фокусот не е само на тоа невработеното лице да има формално завршена обука, туку стекнатите знаења да одговараат на реалните потреби на работодавачите. Токму затоа, мерките се насочени кон различни профили и занимања, а изборот на кандидатите се врши во согласност со условите и критериумите објавени во јавните повици.

Од Агенцијата за вработување појаснуваат дека нивната улога е да ги поврзат потребите на работодавачите со профилот на невработените лица, нивните знаења и вештини.

– Агенцијата за вработување посредува при вработување според потребите на работодавачите и профилот на невработените лица, знаењата и вештините што ги поседуваат. Во процесот на посредување при вработување, конечната одлука за изборот на потенцијалните кандидати ја носат самите работодавачи – посочуваат од Агенцијата.

Тоа значи дека преквалификацијата не претставува автоматска гаранција за вработување, туку отвора дополнителна можност невработените да станат поконкурентни и да ги исполнат барањата за конкретни работни позиции.

Шанса за промена на професијата

Една од мерките преку која се овозможува стекнување нови знаења е „Обука за побарувани занимања на пазарот на трудот“. Во 2025 година во оваа мерка биле опфатени 600 невработени лица.

Тие се обучувале за повеќе различни занимања какви што се дигитален маркетинг, службеник во сметководство, негувател на стари и немоќни лица, негувател на деца, козметичар, фризер за жени и готвач.

Изборот на овие занимања покажува колку широк може да биде спектарот на можности за едно лице што бара работа. Некој што претходно немал искуство во дигиталниот сектор може да стекне знаења за дигитален маркетинг, додека друг може да се насочи кон услужните дејности, сметководството или негата.

За невработените, ваквите програми можат да бидат особено значајни кога нивното досегашно образование или работно искуство не одговара на актуелната побарувачка. Наместо долготрајно да бараат работа во професија во која има мал број слободни места, тие добиваат можност да се насочат кон занимања за кои постои поголема потреба. Особено значајна е и обуката за извршување работни задачи кај конкретен работодавач. Во 2025 година во ваквите обуки биле вклучени 40 невработени лица.

Овој пристап им овозможува на кандидатите да стекнуваат знаења во реална работна средина и да се запознаат со конкретните работни задачи, начинот на организација и очекувањата на работодавачот.
Од друга страна, и компаниите добиваат можност да обучуваат потенцијални кадри според сопствените потреби.

– Целта на мерките е стекнување на знаења и вештини на невработените лица за занимања кои се барани на пазарот на трудот, односно стекнување знаења и вештини за извршување на работните задачи во согласност со потребите на работодавачите – велат од Агенцијата.

Возачите со ЦЕ и ДЕ категорија – уште еден дефицитарен кадар

Можност за преквалификација и стекнување конкретна професионална квалификација имаат и невработените лица што сакаат да работат како професионални возачи.

Во 2025 година во обуките за возачи за ЦЕ и ДЕ категорија биле вклучени 200 невработени лица. Станува збор за професии за кои стекнувањето соодветна категорија и практични знаења може да отвори можност за вработување и во земјата и во компании чија дејност е поврзана со транспорт и превоз на патници.

За некој што подолг период е без работа, ваквата можност може да значи целосна промена на професионалниот правец – од невработеност кон занимање за кое има конкретна побарувачка.
Иако Агенцијата посредува и ги поврзува кандидатите со работодавачите, процесот на вработување е двонасочен. Работодавачот самостојно одлучува кого ќе избере, додека невработеното лице самостојно одлучува дали ќе ја прифати понудената работа. Условите за работа, висината на платата, работното време, местото на работа и другите услови се фактори што влијаат врз одлуката на кандидатот.

Од Агенцијата нагласуваат дека право на учество во мерките имаат сите евидентирани невработени лица што ги исполнуваат условите и критериумите за конкретната мерка. Тие услови се дефинираат во јавните повици, кои се објавуваат јавно и транспарентно.
Преквалификацијата, сепак, не завршува со сертификатот или со завршувањето на обуката. Вистинскиот резултат е кога стекнатите вештини ќе се претворат во конкретна работна можност.

Токму затоа, активните мерки за вработување имаат двојна улога, да им помогнат на невработените да се прилагодат на потребите на пазарот на трудот, но и на работодавачите полесно да дојдат до кадар со соодветни знаења.