Од 27 септември компаниите во Европската унија ќе се соочат со построги правила за таканаречениот „greenwashing“, односно користење неосновани тврдења дека одредени производи или услуги се еколошки, зелени или климатски неутрални.

Според новата европска регулатива, компаниите повеќе нема да можат да користат општи ознаки како „зелен“, „добар за животната средина“ или „климатски неутрален“ доколку за тие тврдења немаат соодветни докази.

Тоа значи дека, на пример, авиокомпаниите нема да можат да рекламираат „јаглеродно неутрални летови“, а козметичките компании нема да смеат да тврдат дека нивните производи не им штетат на коралните гребени без аргументи што го потврдуваат тоа.

Целта е потрошувачите полесно да ги препознаат производите што навистина ги исполнуваат еколошките стандарди и да не бидат доведувани во заблуда преку маркетинг.

Сепак, компаниите се соочуваат со одредена неизвесност бидејќи дополнителните европски насоки за тоа кои докази би биле доволни за потврдување на „зелените“ тврдења не беа усвоени. Поради тоа, бизнисите во голема мера ќе мора да се потпираат на националните правила и на судската практика.

Еколошките ознаки, пак, ќе може да се користат доколку произлегуваат од утврдени постапки за сертификација или се одобрени од надлежни јавни институции.

Земјите членки требаше да ги пренесат новите европски правила во националните законодавства до март годинава. Во мај, Брисел започна постапки против 20 земји кои дотогаш не ја известиле Европската комисија дека ја завршиле постапката.