Владата ќе позајми 700 со новата еврообврзница, но веќе за неколку месеци мора да врати 500 милиони евра за еврообврзницата која ја издаде во 2014 година. Вчера беше завршен процесот за издавање на осмата по ред еврообврзница. Ќе се враќа за седум години со камата од 1,625 проценти. Сите детали треба да ги соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими денес.

„Како што беше наведено и при донесувањето на Буџетот за 2021 година, со средствата обезбедени од емисијата на оваа еврообврзница ќе се изврши отплата на надворешниот долг, односно на еврообврзницата издадена во 2014 година која доспева за враќање годинава. Остатокот ќе се искористи за финансирање на дел од буџетскиот дефицит. Еврообврзницата од 2014 година е во износ од 500 милиони евра и беше издадена по каматна стапка од 3,975 проценти, што значи дека сега каматата е за 2,35 процентни поени пониска“, информираат од Министерството за финансии.

Инаку, земјава претходно има седум пати излезено на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзници. Последните две се на највисок износ – од 700 милиони евра.