И покрај тоа што постои голема неизвесност околу претстојната туристичка сезона, сепак туристичките работници во државата се надеваат дека годинава ќе биде подобра од лани. Поради честите промени на условите за патување странските туристи не се сигурни, па и оваа сезона најголема надеж полагаат во домашните и во туристите од регионот. Со оглед на тоа дека нема да има карантин, очекуваат Охрид да биде полн за празниците, бидејќи голем дел од апартманите се веќе издадени

Ќе можат ли ваучерите, бесплатните ПЦР-тестови и вакцинацијата да го спасат домашниот туризам годинава? Голем дел од странските туристи што сакаа да ја посетата нашата земја ги откажуваат своите аранжмани поради карантинот кој го воведуваат нивните матични земји. Сепак, туристичките работници се надеваат дека ако стивне пандемијата, има надеж да дојдат полските и холандските туристи кои ја избраа Македонија за најпосакувана дестинација за 2021 година.

– Постои голема неизвесност за претстојната летна туристичка сезона поради ситуацијата со ковид-19. Ние сме подготвени, но не знаеме дали гостите ќе ни дојдат. Веќе имаме резервации, а најмногу од Србија, но и од Холандија, Полска и Чешка, но не се сигурни и можат да бидат откажани ако се променат условите за патување и ако се воведат дополнителни рестриктивни мерки. Очекуваме да имаме гости барем колку лани, но се надеваме дека оваа година ќе биде подобра, изјави за ВЕЧЕР, Бошко Дамоски, сопственик на вила „Антигона“ во Охрид.

Дамовски вели дека за велигденските и првомајските празници сите апартмани се издадени и со оглед на тоа дека нема да има карантин очекува Охрид да биде полн за празниците.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, и покрај пандемијата очекува зголемување на странските туристи за 20 отсто, сепак смета дека и годинава домашните туристи ќе бидат најбројни.
-Еден од двата најголеми тур-оператори „Туи Холандија“ веќе размислува во втората половина на месец јуни да почне со летови доколку се смири состојбата со пандемијата. Имаме и најава за летови Варшава – Скопје и Варшава – Охрид со што се зголемува можноста и за поголем број на полски туристи, вели Јаневски.

И годинава граѓаните чии семејни приходи не надминуваат над 30 илјади денари ќе имаат можност да добијат ваучери за туризам од државата, ќе има и финансиска помош за хотелите кои минатиот пат не можеа да ги искористат ваучерите кои беа издадени, како и 50.000 бесплатни ПЦР-тестови за странските туристи.

-Во текот на месец мај ќе биде објавен повикот каде сите работници со ниски примања ќе можат да аплицираат и да добијат соодветни ваучери, тоа е редовна програма, која ја имплементиравме во Министерството за економија за поттикнување на домашниот туризам. Аплицирањето ќе започне во мај пред да почне летната сезона. Воедно ќе има финансиска помош и за хотелите кои беа надвор од туристичките центри и не можеа да ги искористат ваучерите, тие ќе бидат помогнат со милион евра, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

И од Асоцијацијата на хотелиери на Македонија не очекуваат претстојната туристичка сезона да биде сјајна, но се надеваат дека ќе биде подобра од лани. Очекуваат дека барем јули и август да бидат полни, а секако најголема надеж полагаат во домашните и туристите од регионот.
Единствен спас за претстојната сезона, хотелиерите гледаат во поголемиот степен на вакцинација на домашните туристички работници со што и странските туристи ќе бидат посигурни да летуваат во нашата држава.