Министерството за економија издало лиценца за стечаен управник на Николче Петкоски, еден од главните осомничени лица за грабежот на депозитите од Еуростандард банка во истрагата која веќе три години ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

За криминалот се осомничени четири раководни лица кои биле на највисоки позиции во Еуростандард банка, а еден од нив е Николче Петкоски како долгогодишен директор односно претседател на управниот одбор на банката. Тоа што се знае за Еуростандард банка е дека во неа се делеле кредити без исполнување на основни критериуми за нивно одобрување и не се почитувале низа законски обврски. Едно е сигурно. Николче Петкоски и неговите осомничени колеги се потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат, а истите се делени масовно без соодветни обезбедувања или само на основа на обични меници. Исто така, постојат и сомневања дека во Еуростандард банка се переле пари во стотици милиони евра преку нерезидентни сметки на правни лица од Венецуела. Се заедно, сторени тешки кривични дела за кои се одговара, обвинуваат оштетените штедачи.

Но, за сторениот организиран криминал во Еуростандард банка нема никавка одговорност. Напротив, има награда, како што тоа е случајот со осомничениот Николче Петкоски, кој сега продолжува да управува со стечајни постапки на правни лица во Македонија. Право кое му го има доделено државата преку едно од нејзините клучни министерства. И додека обвинителството упорно молчи со години за истрагата во Еуростандард банка, Министерството за економија му доделило одлична можност на Николче Петкоски да покаже што и како знае и умее да прави, откако неговите способности се покажаа на дело преку управувањето со депозитите во Еуростандард банка што директно придонесе за нејзино затворање на 12 август 2020 година.

До кога ќе гледаме вакви епизоди на неодговорност и неказнивост, од една страна и унапредување на осомничени лица за тешки кривични дела на повластени позиции одобрени од државата, од друга страна? Каде се изгубија моралот и вредностите во општеството? Дали државата ги стимулира и наградува ваквите личности, како што тоа го има направено преку ликот и делото на Николче Петкоски, поранешен директор на покрадената банка а сегашен лиценциран стечаен управник од Министерството за економија!?

Поминаа повеќе од три години како обвинителството молчи за криминалот во Еуростандард банка додека осомничени лица за сторениот криминал се наградувани наместо казнувани.

Се вели дека надежта последна умира. Да се надеваме дека работите во државата наскоро ќе се променат на подобро, велат оштетените во случајот на Еуростандард банка.