На ова прашање нема одговор повеќе од две и пол години. Одговор нема ниту од Народна банка, ниту од финансиската полиција, ниту од Управата за финансиско разузнавање, а нема ниту од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„И не само сопствениците на Еуростандард банка, оние кои најдобро знаат што се случувало со години внатре во банката, туку и сите останати институции наведени погоре искажаа сомневања за организиран криминал во банката, и толку. Народна банка, институцијата која го контролирала работењето во Еуростандард банка, поднесе и кривична пријава против одговорните раководни лица во истата, а обвинителството покрена истрага во февруари 2021 година. Од тогаш поминаа и сите законски рокови за одлука на обвинителството од покренатата истрага, но молкот и игнорирањето и понатаму продолжуваат.

Во меѓувреме, минатата година имаше и прес конференција за пропаѓањето на Еуростандард банка подготвена од странски еминентни експерти во банкарскиот сектор. На основа на сеопфатни анализи и согледувања за фактичката состојба и криминалот спроведен во банката и презентиран на прес конференцијата, а истовремено и објавен во извештај, пошироката јавност дозна за незаконските шеми на позајмување што масовно се правеле во банкарскиот систем за да преминат и во Еуростандард банка и да бидат главни причинители за нејзиното затворање. Преку Еуростандард банка се финансирале компании кои не биле подобни за добивање кредити преку систем на подобни компании, кои пак вршеле функција на посредници што добивале кредити од банката. И потоа веднаш, директно или индиректно, ги префрлале паричните средства на неподобните компании во форма на позајмици. Притоа, честопати се фалсификувале и релеванти документи како налози и договори. Таквите криминални трансакции, законски недозволени и строго забранети, биле практикувани со години во Еуростандард банка. Имало и пракса на масовно одобрување на кредити за измирување достасани обврски на клиенти која се случувала преку трансфери на позајмици од еден на друг клиент во банката. И на тој начин парите од депозитите во банката исчезнувале односно завршувале во нечии туѓи џебови.

Јавноста научи и дека Еуростандард банка воспоставила деловни односи со нерезидентни клиенти осомничени за перење пари. Па така, во првите три квартали од 2019 година клиенти од Венецуела биле ангажирани во трансакции во вредност од 110 милиони евра, од кои 10 милиони евра биле дадени во форма на заеми на најекспонираните клиенти на Еуростандард банка.

Исто така, се потврди и дека од депозитите во Еуростандард банка биле нелегално префрлени три милиони евра во соседната Комерцијална банка за да служат како залог за кредити на трети правни лица, а кои веќе имале голема изложеност во Еуростандард банка. Парични средства кои никогаш не биле вратени на депонентите во Еуростандард банка.

Сите овие и други нелегални трансакции се во доменот на измами, злоупотреби и проневери, казниви според кривичниот законик на Македонија. И покрај сите познати работи од доменот на организираниот криминал спроведени во Еуростандард банка, упорно се молчи и игнорира од надлежните институции. Дали тоа можеби значи и дека организираниот криминал во банкарскиот сектор станал и нормална пракса на однесување во земјава која нема потреба да се решава туку се прифаќа како таква“, се вели во соопштението на здружението.