Најбогатиот човек во Германија, Дитер Шварц, основачот на трговскиот гигант „Лидл“, започна амбициозен проект со кој сака неговата компанија да стане значаен играч и во технолошкиот сектор. Наместо да се фокусира исклучиво на малопродажбата, преку групацијата „Шварц“ инвестира милијарди евра во дигитална инфраструктура, клауд-услуги и вештачка интелигенција, пренесува DW.
Според DW, во јужниот дел на Германија, во Бад Фридрихсхал, групацијата го отвора новото седиште на „Шварц Дигитс“ – модерен кампус со капацитет за 3.500 вработени. Комплексот, кој располага со детска градинка, ресторани, фитнес-центар и современи канцеларии, по својот изглед потсетува на кампусите на „Гугл“, „Епл“ и „Амазон“.
Компанијата, која досега беше задолжена за дигиталната инфраструктура на повеќе од 14.500 продавници на „Лидл“ и „Кауфланд“, сега ги нуди своите клауд- и сајбер-безбедносни услуги и на државни институции и приватни компании. Меѓу нејзините клиенти веќе се германски министерства, холандската влада и Германската фудбалска федерација.
Во рамки на својата стратегија, групацијата инвестира и 11 милијарди евра во изградба на голем центар за складирање податоци во регионот Шпревалд, што претставува најголемата поединечна инвестиција во историјата на компанијата.
Минатата година групацијата „Шварц“ оствари приходи од речиси 185 милијарди евра, со што ги надмина германските индустриски гиганти како „САП“, „Мерцедес“ и „Бајер“. Поголеми приходи во Германија оствари единствено „Фолксваген“.
Како што наведува DW, покрај деловниот развој, Дитер Шварц вложува значителни средства и во образованието и науката. Преку неговата фондација, Хајлброн постепено се трансформира во еден од најголемите германски центри за истражување, технологија и вештачка интелигенција. Во градот веќе функционираат универзитетски кампуси, научни центри и „Иновациски парк за вештачка интелигенција“, каде што работат околу 140 компании и институции.
Од компанијата сметаат дека Европа мора да стане помалку зависна од американските и кинеските технолошки решенија и да развива сопствена дигитална инфраструктура.
Иако приходите на „Шварц Дигитс“ сè уште се далеку зад оние на светските технолошки гиганти, во компанијата веруваат дека со долгорочни инвестиции и развој можат да изградат силна европска алтернатива на глобалните лидери во областа на клауд-технологијата и вештачката интелигенција, пишува DW.