По една година поскапувања, дел од основните производи поскапеа дури и за 50%, млеко кое беше 50-55 денари стигна дури до 80 денари, јогуртот исто така е поскап за 30-50 денари, а сирење и кашкавал поскапеа дури и за 100 денари. Но затоа по една година владата реши да реагира па така сега дел од овие поскапи производи ќе се намалат за 10 до 15%, но прашање е дали е тоа доволно и зошто досега не се реагираше.

Во маркетите од денеска, по владината одлука за намалување на цените за 10, односно 15 отсто, тестенините се со намалени цени за 15 проценти, а дел од млечните производи за 10 проценти. Намалени се цените на тестенините за 4 до 7 денари, а пониски цени имаат и трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, урдата, кравјото и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци.

Млекото е намалено од 8 до 10 денари млечни намази се продаваат со пониски цени од 10 до 13 денари, а јогуртот е со поевтинување до 10 денари, најголемо намалување има на цената на кашкавалот 40 денари од килограм, а тестенините се поевтини од 10 до 15 денари .

Министерството за економија се уште анализира дали ќе ја прошири владината одлука за замрзнати цени и за јајцата, шеќерот и оризот. Не е исклучена можноста за такво нешто и кај зеленчукот и овошјето ако трговците и производителите не ги следат светските текови за намалување на цените.

Ова замрзнување на цените е предвидено до 31 мај, а ако има потреба ќе следи повторно замрзнување, вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, вели  дека анализата на движењата на пазарот покажува оти со завршување на грејната сезона во Европа, и цените на берзата почнале да паѓаат речиси за сите прехранбени производи. И нашите трговци и производители, според него, ќе треба да ги следат тековите во светот.

„Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Цените ќе треба да паѓаат. Како што ги презедовме мерките за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млеко и млечни производи, навестивме низа други продукти, ќе ги следиме и другите производи, и ако трговците и производителите сами не реагираат – има јасна порака од Владата: граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните“, рече Битиќи.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ќе се следат цените на влезните елементи во земјоделското производство и има одредени намалувања на цените на вештачкото ѓубриво и на други суровини.

Министерството земјоделство, како што изјави тој вчера, успева во обврската да интервенира за да ги намали трошоците на земјоделците при производство на храна и да го одржи и зголеми домашното производство.

Во однос на тоа  дали МЗШВ има механизам да ги заштити сточарите поради замрзнувањето на цената на млекото, Николовски наведе дека министерството дава поддршка преку субвенции и други програми на сточарите за зголемените трошоци во производството.

„Минатата година поддршката беше во делот на поледелското производство, на житните култури, за да се одржи и зголеми производството, а оваа година, зависно од потребите и барањата на потсекторските групи, има доволно средства да се интервенира дополнително и во делот на сточарството, за дополнителна поддршка на млекото и за се за што во тек на годината имаатпотреба и земјоделците и сточарите“, изјави Николовски.

Владата на 28-ми минатиот месец ја замрзна и цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.

Примената на владините одлуки ја контролира Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а казните за непочитување изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.