Постигната е највисока откупна цена на тутунот досега, и изнесува 261 денар по килограм. Државата го поддржува тутунопроизводството и презема конкретни мерки, изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на прилепскиот тутунски комбинат и при увидот за текот на откупот на тутунот на пунктот во Комбинатот.

-Откупот на тутунот почнува со позитивни податоци. Повисока откупна цена, повеќе склучени договори, поголемо планирано количество за откуп и подобар квалитет на тутунот. Откупната цена сега е 261 денар, за разлика од лани кога беше 200 денари. Ова се највисоки цени во откупот на тутунот во последните десет години. Инаку, од 2014 година до денес откупната цена е зголемена за 115, 7 проценти. Пораст има и кај бројот на склучени договори кои се за седум отсто повеќе од лани. Годинава се очекува да се откупат околу 21 000 тони што е за 10 отсто повеќе од лани. Имаме поквалитетен тутун, што значи подобра година за тутунот. Ваквите бројки се доказ дека мерките на Владата кои се преземаат за тутунопроизводителите даваат позитивни резултати. Тутунот е наша традиционална, но и извозно ориентирана гранка која носи годишен девизен прилив од над 120 милиона евра. Околу 20 000 семејства егзистираат од оваа гранка и секоја преземена мерка е во интерес на тутунопроизводителите – рече Ковачевски.

Љупчо Николоски, министер за земјоделство нагласи дека државата презела неколку мерки за тутунопроизводителите – зголемени субвенции по класи, постигната повисока просечна цена до 30 проценти, олеснети административни процедури, без евидентни листови, а се поддржува и преку програмата за рурален развој со 29 договори за набавка на опрема за тутунопроизводство со по четири милиона денари за секој договорувач.

-Ја испративме пораката дека не се само субвенциите, туку и преку програма за мерки како да го поддржиме тутунопроизводството. Инаку, за 2023 година имаме рекорден износ во буџетот на земјоделството. Фактите и аргументите ги поддржуваат најстојувањата на Владата дека оваа индустриска гранка ја цени  која носи и девизен прилив. И во процесот на преговорите со ЕУ, тутунопроизводството ќе биде заштитено како битна традиционална култура со девизен прилив – изјави Николовски.

Јане Станкоски, директор на државниот земјоделски инспекторат вели дека откупот непречено се одвива и нема приговори од тутунарите.

-Досега се откупени повеќе од 3000 тони тутун, просечната цена е 261 денар за килограм. откупуваат девет од десетте овластерни компании и последната ќе почне до истекот на крајниот законски рок за откуп, 15 декември. Нема проблеми и нема пријави на тутунарите за текот на откупот – изјави Станкоски.

Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија вели дека со повисоките цени се ублажени трошоците на тутунарите и настојувањата остануваат за натамошни повисоки цени за наредната година.

– Постигнавме повисоки цени на откупот по класи. Тоа колчку-толку ќе ги ублажи вложените трошоци на тутунарите во производството. нема да застанеме на тоа и ќе продолжиме со притисоците за повисоки цени и наредната година – изјави Стомнароски.

Во земјава тутунот се откупува на 115 ваги со девет откупувачи.