Ќе има пари и за автобуси и амбулантни возила, уверува министерката за финансии. Таа вели дека сакаат реално да ги прикажат капиталните инвестиции, а не како во минатото. Но, потенцира дека неизвесноста за наредната година е голема.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го оцени Буџетот за 2027 година како „најтежок буџет“ од аспект на креирањето на приходните и на расходните ставки со оглед на сегашна глобална економска состојба, цената на енергентите, долговите што треба да се вратат и големата неизвесност во иднина. Таа потенцираше дека наредната година, само за да се отплатат долговите потребни се 124 милијарди денари (околу 2 милијарди евра). Сепак, според министерката, на расходната страна се предвидени сите законски обврски, па ќе има зголемување на платите, пензиите, планирани социјални надоместоци и капитални инвестиции.

– Јасно е дека мора да има нова еврообврзница – децидна е министерката на денешниот брифинг со новинарите.

Приходната страна на буџетот е планирана на 6,4 милијарди евра, а расходната на 7,2 милијарди. Капиталните инвестиции ќе изнесуваат 40,8 милијарди денари (околу 660 милиони евра).

– Сакаме реално да ги прикажеме капиталните инвестиции, а не како во минатото кога се дадени 15,8 милијарди денари на „Бехтел и Енка“ да си купат опрема, која останува во нивна сопственост, а тоа да го покажеме како инвестиција – рече министерката.

Министерката посебно посочи некои проекти за кои деновиве се развила дискусија дали се предвидени пари во буџетот.

– Има пари за автобуси и за оваа и за наредната година. Тоа е повеќегодишна набавка и да кажам условно, таа се плаќа на рати. Има и 2 милиони евра за амбулантни возила – рече министерката.

 За плати 930 милиони евра, за пензиска дупка една милијарда

Вкупниот износ планиран за плати е 57,2 милијарди денари (околу 930) милиони евра и тој е повисок за 6,6 проценти во однос на Буџетот за годинава.

– Зголемувањето е поради почитувањето на колективните договори. Но, еднаш засекогаш мора да се знае за која позиција каква плата следува. Сега, во јавниот сектор има различни плати за исти позиции – посочи министерката.

Во Буџетот за 2027 година за пензии се предвидени околу 2 милијарди евра, но пензискиот придонес не е доволен за да се покријат тие. Министерката Димитриеска-Кочоска објасни дека за да се исплатат пензиите од буџетот треба да се додадат 42 милијарди денари, односно околу 680 милиони евра. Но, дополнително од буџетот се префрлаат и таканаречени транзициски трошоци, пари наменети за приватните пензиски фондови во износ од 19,6 милијарди денари (околу 320 милиони евра).

– Од 158 милијарди денари потребни за целиот пензиски систем, околу 62 милијарди денари ќе се добијат од централниот буџет – појаснија од Министерството за финансии.

Догодина јавниот долг ќе достигне 12,3 милијарди евра

Министерството за финансии ги откри и проекциите за јавниот долг во 2027 година. Тој ќе достигне до 12,3 милијарди евра и прелиминарните проекции се дека ќе биде 59,7 проценти од бруто-домашниот производ.

За годинава, пак, проекциите се дека ќе биде 11,25 милијарди евра, што е 58,2 проценти од БДП.

Министерката за финансии посочи дека фискалните ризици значајно доаѓаат од јавните претпријатија и од акционерските друштва со државна сопственост.

– Ако во минатото, некаде до 2015 година, кај нив од државната каса се трансферирале по околу 1,3 милијарди денари, сега се 8 милијарди денари. Значи, ние годишно кон нив префрламе по над 100 милиони евра и тоа е сериозно оптоварување на буџетот. Се соочивме со јавни претпријатија и со државни компании во многу лоша состојба – потенцираше министерката.