Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Македонија, кое што го сочинуваат Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност, во соработка со Бирото за развој на образованието и Сојузот на микрофинансиски организации, оваа недела ја одбележуваат Глобалната недела на парите (12 март ‒ 18 март). Одбележувањето ќе продолжи во текот на целиот месец март.

За време на Глобалната недела на парите ќе се организираат посети од страна на повеќе основни и средни училишта од Скопје и од останатите градови, како и од руралните средини во просториите на петте регулатори (Народната банка, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност).

Веќе шест години по ред се организираат активности од овој вид, а целта е да се подигне нивото на финансиска писменост кај младото население на Република Македонија. За време на посетите се изведуваат едукативни предавања на теми од областите на институциите што ги покриваат, односно од областите на парите, штедењето, тргувањето, банкарскиот сектор, инвестирањето, осигурувањето, пензискиот сектор и други теми поврзани со функционирањето на финансиските системи.