Главниот советник на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија за економски прашања, Зоран Јовановски преку статус на Фејсбук им порача на несовесните граѓани да ги почитуваат мерките против ковид-19 затоа што продолжувањето на здравствената ја продолжува и економската криза.

„Каде и да се сврти во земјава, човек ќе види многумина без маски и без било какви обѕири за целава ситуација. Некого го мрзи, некој мисли не постои вирусов, некој од чист сеир или инает, секој со своја причина.

Тоа е така затоа што кај голем дел од населението си постои генерална безгрижност. Кај администрацијата платите си доаѓаат во цел износ, пензиите исто. Работел, не работел приватниот сектор, за државниот сектор е се’ исто како и пред коронава. Дел од приватниот сектор исплаќа минимални плати само за да не отпушта.

Тоа е така затоа што државата на сите страни расфрла пари позајмени од странство. А тие пари ќе завршат. Набрзо, веќе во септември. Тогаш ќе дојде ударот и моментот на вистината. И намалување на платите и се’ друго.

Е ТОГАШ, ќе сфатат сите дека ИЛИ ќе носат маски и ќе бидат дисциплинирани и здравственава криза ќе се стави под контрола и фирмиве ќе работат, а буџетот државен колку-толку ќе се полни ИЛИ ќе има тешки економски последици, помали плати, отпуштања.

Жално е што ситуацијава со коронава не можеме да ја надминеме со свест и разбирање, ама тоа e, ќе научиме на потешкиот начин“, вели тој.