Повеќе од 400 милијарди долари од вредноста на европската технолошка индустрија се збришани оваа година, според лондонската компанија за ризичен капитал Атомико.

Вкупната вредност на сите јавни и приватни европски технолошки фирми падна на 2,7 билиони долари од 3,1 билиони долари на крајот на 2021 година, објави Атомико во својот годишен извештај „Состојбата на европската технологија“ објавен денеска, пренесе Танјуг.

Овие бројки покажуваат дека ова беше многу тешка година за технологијата, пренесува „Си-Ен-Би-Си“ (CNBC). Некогаш високо ценетите акции на технолошките компании се под притисок на глобалните фактори, вклучително и руската инвазија на Украина и заострувањето на монетарната политика од страна на централните банки.

Федералните резерви и другите централни банки ги зголемуваат клучните каматни стапки и ги намалуваат стимулациите од ерата на пандемијата за да ја зауздаат ​​растечката инфлација. Тоа ги поттикна инвеститорите да ги преиспитаат своите позиции во технолошките компании со загуба.

Ова беше тешка година – војната во Украина, инфлацијата, зголемувањето на каматните стапки, геополитичките тензии низ целиот континент. Тоа е најпредизвикувачкото макроекономско опкружување од глобалната финансиска криза, изјави за „Си-Ен-Би-Си“ Том Вемајер, партнер во Атомик.

Одредени технолошки компании во Европа претрпеа остар пад на пазарната вредност. На пример, шведската финтех група „Кларна“, која нуди услуга „купи сега – плати подоцна“, ја намали својата проценка за 85 отсто, од 45,6 милијарди долари на 6,7 милијарди долари. Во исто време, акциите на сервисот за стриминг музика „Спотифај“ паднаа за повеќе од 60 отсто во изминатата година.

Се проценува дека вкупното финансирање на европските стартапи ќе падне на 85 милијарди долари оваа година, се наведува во извештајот на Атомик, врз основа на квантитативни податоци и анкети во 41 земја.

Ова е за 18 отсто помалку од средствата од над 100 милијарди долари што европските стартапи ги собраа во 2021 година.

Сепак, проценетата сума и понатаму е втора по големина досега инвестирана во европскиот технолошки екосистем, наведува Атомик.

Европските технолошки инвестиции го урнаа рекордот минатата година бидејќи учеството на американските инвеститори силно се зголеми. Годинава забележа пресврт на тој тренд, при што странските инвеститори главно се повлекуваа.

Бројот на активни американски инвеститори во т.н мега рунди од 100 милиони долари или повеќе паднаа за 22 отсто во однос на минатата година, покажува извештајот на Атомик.