На њујоршки Волстрит цените на акциите паднаа во вторникот втор ден по ред, бидејќи поради добрите економски показатели каматните стапки на американската централна банка Федералните Резерви (Federal Reserve- Fed) би можеле да останат зколемени подолг период од очекувањата на пазарот.

Индексот Dow Jones загуби 1,0 отсто, на 39.170 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,72 отсто, на 5.205 поени, а индексот Nasdaq 0,95 отсто, на 16.240 индексни поени.

Падот на цените на акциите втор ден со ред се должи на зголемената веројатност американската централна банка да ги задржи каматните стапки на покачените нивоа подолго отколку што очекува пазарот. Имено, најголемата светска економија продолжува солидно да расте, на што укажуваат најновите податоци за производната активност и растот на нарачките, што може да значи и дека потрошувачката, а со тоа и инфлацијата, ќе останат на повисоките нивоа.

Берзата силно порасна последните месеци, бидејќи инвеститорите очекуваа Fed да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени трипати оваа година, почнувајќи од јуни. Сепак, изгледите за тоа стивнаа деновиве по добрите економски показатели. Дополнително, претставници на Fed велат дека централната банка нема причина да брза со намалување на каматните стапки. Тоа е причината зошто е сѐ поверојатно дека Fed ќе ги намали каматните стапки само двапати годинава, и тоа во втората половина од годината.

„Тезата за повисоки каматни стапки за подолг период од очекуваното на пазарот е сè поверојатна. Ова ги загрижи инвеститорите“, рече Квинси Крозби, стратег во компнијата „LPL Financial“.

Меѓу најголемите губитници вчера беше акцијата на „Tesla“, со пад на цената од речиси 5 отсто, откако компанијата објави дека во првиот квартал испорачала 8,5 отсто помалку елекрични возила во однос на истиот период лани.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,22 отсто, на 7.935 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,13 отсто, на 18.283 поени, а париски CAC 0,92 отсто, на 8.130 поени.