Покрај здравствената битка, државите во светот на големо почнуваат да спроведуваат серии економски политики за закрепнување од пандемијата. Во тој правец, Германија минатата недела направи ребаланс на својот буџет и позајми рекордни 240 милијарди евра пари за финансиска помош на стопанството. Ништо поразлично не постапија и другите земји низ ЕУ, но и во светот, задолжувајќи се со нови милијарди долари за справување со последиците предизвикани од ковид-19

Светската економија ја очекуваат мрачни денови поради пандемијата, додека најголемата европска економија за влакно деновиве избегна рецесија. Имено, германскиот Бундестаг минатата недела гласаше за ревизија на буџетот за оваа година, со што се овозможи рекордно ново задолжување на земјата од 240 милијарди евра. Информацијата што експресно проструи низ светските медиуми вели дека новото задолжување на Берлин ќе го зголеми јавниот долг на Германија за 2.200 милијарди евра, а овој заем е рекорден износ за економскиот „мотор на Европа“, со кој германскиот долг од денеска ќе изнесува речиси 80 проценти од БДП. Ова, меѓу другото, во своја анализа го наведува германски „Дојче веле“, кој пишува дека слична е состојбата и со другите земји во еврозоната, но и светот, кои исто така живеат на кредит поради кризата.

Медиумот во исто време ја наметнува дилемата за „Пактот за стабилност во ЕУ“ и раст на еврозоната, кој предвидуваше дека јавниот долг на членките не треба да надмине 60 отсто, а на новите задолжувања да не бидат поголеми од 3 отсто. Паоло Џентилони, европскиот комесар за монетарна политика, во изјави за западните медиуми околу случувањата со Германија вели дека ваквите политики за задолжувања на членките на ЕУ веројатно ќе продолжат и следната година, без притоа да прецизира колку време може да трае тоа и како овие земји ќе се борат со кризата со огромни долгови.

– Како што проценувам, правилата за ограничување на долгот нема да се применуваат ниту следната година. Истото тоа има смисла додека сме во вонредна ситуација во однос на економскиот раст за време на пандемијата. Накратко речено, ќе продолжат задолжувањата колку што ќе трае кризата – рече Гунтрам Волф, шеф на институтот за истражување „Бругел“ од Брисел. Волф смета дека долговите се помалку проблематични отколку што беа во финансиската криза пред десет години, бидејќи денес каматните стапки на државните обврзници се многу ниски. Економскиот експерт Волф не верува дека каматните стапки ќе растат сѐ додека централните банки, како што е Европската централна банка, водат агресивна монетарна политика, односно печатат пари и го преплавуваат пазарот.

Кој ќе ги плати новите задолжувања?

Во меѓувреме германскиот медиум по повод новите задолжувања на Берлин исто така прашува кој ќе ја плати сметката (долгот) на крајот. Според ДВ, за високата задолженост, стапката на економски раст е секогаш одлучувачка. Доколку се постигне голем раст, тогаш проблемот со задолжувањата ќе се реши самостојно, но политиката на државни заштеди за големи задолжувања не помага многу во таа насока. Вакво мислење споделува и Маркус Фербер, германскиот европратеник, експерт за финансии на демохристијаните.
– Во моментов, ние не сме загрижени за стабилноста на еврото. Доколку некои членки продолжат да ги решаваат проблемите со нови долгови наместо со реформи, Европа ќе се соочи со економска криза од невидени размери – објаснува Фербер, кој смета дека границата за задолжување во еврозоната треба да се врати следната година. Економскиот експерт исто така нагласува дека заедничкото задолжување на ЕУ во износ од 750 милијарди евра за ублажување на последиците од кризата, мора да остане осамен преседан.
– Оние што мислат дека ги рехабилитираат националните буџети со пренесување долгови кон Европа нема да успеат. Бидејќи тие долгови исто така мора да бидат отплатени од земјите-членки. А тоа значи дека тоа ќе го прави следната генерација – заклучува експертот.

Корона-кризата глобално ги притисна буџетите

Во исто време, Грција веќе се приближува до јавен долг од 200 проценти. Сепак, соговорниците на ДВ не сметаат дека ова е голем проблем, затоа што Грција се рехабилитира во претходните години.
– Грција е единствената од 27-те членки на ЕУ што го поврза планот за реконструкција по коронавирусот со реформската агенда. Грција ме загрижува помалку од некои други земји. Мојата најголема грижа е Италија – рече европратеникот Фербер. Тој предупредува дека со растот на каматната стапка или бранот на банкрот, италијанската држава и банките може да западнат во сериозни тешкотии. Јавниот долг на Италија во моментов изнесува 180 проценти од БДП. Ништо поразлична не е состојбата и со другиот дел од светот. Имено, земјите како Бразил, Чиле Аргентина, но и Индија, па до африканските држави се исто така во огромни долгови, а нивните државни буџети се притиснати од корона-кризата. Некои од посочените држави се длабоко задолжени во меѓународните монетарни фондови и држави каде што нивниот јавен долг е зголемен за нови илјадници милијарди евра.

Во меѓувреме, како што пренесува „Еурактив“, централните банки низ светот нудат евтини пари, каматните стапки се исто толку ниски колку и инфлацијата. Според медиумот, токму таква е и пораката на претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, која неодамна ги повикува колегите во светот да продолжат со таквата монетарна политика. Тоа, според бриселскиот магазин, значи да се продолжи со позајмувањето и по пандемијата, на што економските експерти на големо се противат.