Во услови на сè поголем недостиг на работна сила, пензионерите повторно стануваат активни на пазарот на трудот. Додека Владата уверува дека нема да има продолжување на работниот век, работодавците сè почесто се потпираат на искусните пензионери за да ги пополнат празните работни места. За едни, тоа е дополнителен приход, за други – начин да останат активни, а за економијата – важен ресурс во време кога сè потешко се наоѓаат работници.

Старосната граница за пензионирање во Македонија нема да се зголемува, уверуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Ставот на Владата е дека треба да се бараат решенијата за стабилизирање на пензискиот систем преку други економски и фискални мерки, а не преку продолжување на работниот век. Оваа позиција доаѓа во период кога одржливоста на пензискиот систем и обезбедувањето средства за исплата на пензиите се меѓу актуелните економски прашања. Од владејачката партија посочуваат дека се детектирани проблемите во пензискиот систем и дека се преземаат мерки за нивно надминување. Во исто време, Владата го истакнува и линеарното зголемување на пензиите како мерка за подобрување на животниот стандард на пензионерите. Фискалниот совет, пак, претходно препорачуваше зголемување на старосната граница на 67 години, повикувајќи се на стареењето на населението, растот на бројот на пензионери и на потребата од намалување на фискалните ризици за пензискиот фонд.

Но, додека институциите дебатираат за одржливоста на пензискиот систем, пазарот на трудот испраќа друга порака. Во услови на недостиг на работна сила, пензионерите сè почесто ги пополнуваат празнините што остануваат зад работниците што недостигаат. За сè поголем број работодавци, тие стануваат важен извор на искусна работна сила, особено во дејностите каде што е најтешко да се најдат работници.

– Пензионерите може да работат во угостителството, земјоделството, трговијата, магацините и во различни услужни дејности. Најчесто станува збор за повремени или сезонски ангажмани, особено во периодите кога има зголемен обем на работа. Предноста е што станува збор за луѓе со долгогодишно искуство, работни навики и знаење, кои може брзо да се вклучат во работниот процес – велат работодавците.

За дел од пензионерите, пак, причината за повторно активирање е финансиска. Пензијата не секогаш е доволна за да ги покрие сите секојдневни трошоци, па дополнителниот приход значи полесно справување со сметките, храната и со другите потреби. За други, работата е начин да останат активни, да го користат своето знаење и да не се повлечат целосно од општествениот и од економскиот живот.

Така, од една страна, Владата вели дека граѓаните нема да мора да работат подолго и дека нема да има продолжување на работниот век, но поголем дел од пензионерите и по пензионирањето повторно се враќаат на пазарот на трудот.

– Важно е нивното ангажирање да биде законски регулирано. Треба да се разликува редовното вработување од повремената и од сезонската работа, а секој ангажман да биде пријавен и јасно дефиниран. Работата без договор и без пријава не нè штити ниту нас, ниту пензионерите и може да отвори дополнителни проблеми. Пензионерите не треба да станат постојана замена за редовно вработените, туку легално и соодветно да се користи нивниот потенцијал таму каде што навистина недостига кадар – додаваат работодавците.

Во услови кога се соочува Македонија со стареење на населението, иселување на работоспособното население и со недостиг на работници во повеќе сектори, пензионерите стануваат решение за економскиот проблем. Тие може да ги пополнат дупките на пазарот на трудот, но не може да бидат единственото решение за структурниот недостиг на работна сила.

Затоа пензионерите денес не се само корисници на пензија туку и потрошувачи, носители на искуство и потенцијална работна сила. Владата останува на ставот дека нема да има продолжување на работниот век, но економијата, сама по себе, сè почесто ги враќа пензионерите во работниот процес.

Во земја во која работниците стануваат дефицитарна категорија, пензионерите, можеби, не се трајното решение, но во моментов се една од најважните резерви на искусна работна сила. И токму затоа, наместо само како категорија што заминува од пазарот на трудот, тие сè почесто се гледаат како нова надеж за пополнување на дупките во македонската економија.