Банкрот прогласи белгиската компанија „Ван Хол“, која има погон во Македонија. Трговскиот суд во Мехелен, Белгија, во понеделникот (8 април) прогласи банкрот во оваа семејна компанија и назначи четворица стечајни управници. Тие ќе го надгледуваат брзиот трансфер на сопственоста кај германската компанија VDL Groep, која веќе дала понуда за купување.

„Ван Хол“ има долг од 400 милиони евра.

Останува прашањето дали производството на автобуси и приколки,  целосно ќе биде префрлено во Македонија, објави весникот „Дер Стандард“. Во текот на следните неколку недели ќе се знае дали ќе се произведува во Белгија или производството целосно се пренасочува во погоните во Македонија.

За можноста за префрлување на бизнисите на „Ван Хол“ во Македонија во понеделникот зборуваше и сопственикот на штипската компанија „Актива“, Иле Николов, кој рече дека подолго време се водат преговори за проширување на договорите за работа.

-Ние за таа работа веќе се подготвивме. „Актива“ минатата година имаше дополнителни инвестиции во делот на машинскиот парк и веќе е зголемен товарот на производство и немаме од наша страна каснење за нивните потреби, потребите за зголемување на производството ќе бидат следени и како ќе бидат доставувани барањата од нивна страна ние ќе го следиме тоа. Веќе сме во фаза на изградба на уште еден производен погон од 8.000 квадрати кој ќе биде исто така во функција на зголемување на капацитетите на нашите компании. Така да, ние во целост сме спремни за таа работа, изјави Николов.

VDL Groep веќе достави понуда. Дефинитивен договор ќе биде склучен преку „многу кратка временска рамка“, објави „Ван Хол“. Производството на приколки ќе преминува во компанијата GRW, инаку партнер на Schmitz Cargobull.

Остануваат надежите дека под нова сопственост, операциите во „Ван Хол“ може брзо да се рестартираат, иако се очекува да се префрлат само помеѓу 650 и 950 вработени. „Ван Хол“ имаше околу 2.500 вработени.

Во изјавата по прогласувањето банкрот, „Ван Хол“ соопшти дека продажбата на бизнисот на VDL и GRW претставува „најдобар реален исход за сите вклучени страни, иако за жал, многу вработени ќе мора да бараат вработување на друго место“.