Економистот Роберт Мандел, познат како еден од архитектите на еврото, почина во Италија за време на велигденските празници на 88-годишна возраст, пренесоа медиумите.

Смртта на Мандел беше потврдена вчера од канцеларијата на градоначалникот во Монтериџиони, близу Сиена, Италија.

Канадскиот научник, кој беше добитник на Нобелова награда за економија во 1999 година за пионерска работа во монетарната динамика и оптималните области на валутата, имаше едно од неговите живеалишта во овој град во Тоскана.

Истражувачката работа на Мандел се смета за теоретска основа за транснационално воведување на валути. Поради тоа многумина го нарекуваа „татко на еврото“.

Роден во Канада на 24 октомври 1932 година, овој економист помина голем дел од својата академска кариера во САД. Предавал на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Неговите анализи на монетарната и фискалната политика сè уште имаат големо влијание врз економистите и политичарите во многу земји.

Веќе некое време, Мандел живееше со семејството во „саканата Италија“ на имот во селото Санта Коломба во општина Монтериџони, објави италијанската новинска агенција АНСА.

Поранешниот шеф на Европската централна банка (ЕЦБ) и сегашен италијански премиер, Марио Драги, вчера изјави дека Мандел бил „најсјајниот и највлијателен економист од неговата генерација“.

Мандел, пред речиси 10 години славно изјави дека ја смета Италија за „најголема закана за еврото“.