Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја врачи употребната дозвола за новиот производствен погон на американската компанија Леар и Нормак инвестмент груп во Технолошко – индустриската развојна зона во Тетово. Инвестицијата на новиот втор циклус изнесува 15 милиони евра за производниот погон  изграден на површина од 8.000 м2. Со оваа инвестиција се отвораат нови 1.000 до 1.500 работни места.

Се реализира уште една значајна инвестиција во Северна Македонија. Девет месеци откако бевме тука на поставувањето на камен темелникот за заедничката инвестиција на вториот циклус на Нормак инвестмент груп и американската компанија Леар, денеска имам чест на менаџментот на компанијата да ја предадам употребната дозвола за новиот производствен погон. Ваквите големи инвестиции се поддржани од државата и инвеститорите имаат поволности и низа олеснувања во повеќе фази на процесот на инвестирањето, изјави министерот Бектеши.

Според него, ваквите инвестиции даваат голем придонес за локалниот економски развој, пред се, во делот на вработувања, развој на човечкиот капитал, а влијаат позитивно на извозот од овој регион пред се, бидејќи се креираат производи со поголема додадена вредност.

Доказ за тоа се и позитивните резултати од работењето, посебно во време на криза предизвикана од пандемијата, Леар успеа да го зголеми извозот за 10 отсто во 2021 година, по растот на извозот од 15 отсто во 2020 година, рече Бектеши.

Александар Зарков, генерален директор на Нормак Инвестмент Груп рече дека значајне е поддршката на Министерството за економија на Технолошко – индустриската развојна зона во Тетово и на Нормак инвестмент груп.

ако резултат на успешната приказна, која ја градиме со Леар и останатите инвеститори во ТИРЗ Тетово минатата година споредено со 2020 година бележиме раст на извозот од 16 проценти, а споредено со 2019 година растот на извозот од оваа зона е 25 отсто, истакна Зарков.

Генералниот директор на Леар, Вања Стојановски истакна дека оваа инвестиција ќе значи раст на компанијата и зголемен извоз на странските пазари.

Американската компанија Леар Корпорејшн изработува навлаки за седишта за автомобили и електрични дистрибутивни системи. Вкупната инвестиција на компанијата во ТИРЗ Тетово изнесува 35 милиони евра. Во првиот производствен погон што се простира на површина од 12.000 м2, а почна со работа во 2016 година се инвестирани 20 милиони евра и беа отворени 2.000 вработувања.