Со усогласувањето на мерките со европската регулатива го трасираме патотот кон едно модерно и конкурентно земјоделско производство, од кое што бенефит ќе има вкупната економија и земјоделците, напиша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на својот фејсбук профил по повод усвојувањето на Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година која предвидува зголемени субвенции и авансни исплати.
-Ги зголемивме субвенциите во сточарството, со цел да ги мотивираме сточарите да работат на подигање на квалитетот на своите производи. Поддршката за грло говеда се зголемува од 2.800 на 3.100 денари по грло. Прв пат се воведува дополнителна субвенција по квалитет на млеко. Ако досега производителите на кравјо млеко кои произведуваа млеко со екстра класа добиваа поддршка од 3,5 денари по литар, од сега ќе добиваат 4,5 денари по литар. Поддршката за овчо и козјо млеко се зголемува од 4,5 денари по литар на 5,5 денари по литар млеко, наведува Николовски.
Според него, се зголемува и поддршката за презимено пчелно семејство од 600 на 700 денари линеарно, за сите производители, независно колкави се нивните капацитети.
Програма за финансиска поддршка беше усвоена на владина седница во вторникот.