Го почнувам овој текст, неможејќи сеуште да ги средам импресиите од некои калкулации кои ги изведував. Имено, како на сите нас, и мене ми дојде „зелен плик“ во врска со нашите пензиски заштеди во вториот приватен задолжителен пензиски фонд. Нема да посочам која е компанијата, две се во Македонија и најверојатно работат „братски“ надгледувајќи се во работата една со друга. Ова треба да е смешно, но не е… за жал…

Загрижени сте за својата иднина во пензиските денови? И треба да бидете…

Се сомневате дека ќе имате финансиска сигурност во третото доба? Сомнежот Ви е исправен….

Сакате да разберете што Ви се случува со приносот на парите кои макотрпно ги работите и ги двоите редовно во овие фондови, сакале вие или не сакале? Продолжете да читате… Ќе прочитате нешто неверојатно и необјасливо, и сето тоа поткрепено со докази од личен пример. На крај ќе Ве замолам да ја шеровате оваа вест за што повеќе луѓе да сватат што ни се случува во овој аспект.

Одиме од почеток. Најголем дел од нашите средства за пензиско осигурување одат по дефиниција во државниот пензиски фонд. Таму исто така се случуваат паранормали активности без одговорност и без одговори. Овој фонд е во хронична дупка, која редовно се покрива од буџетот до половина милијарда евра годишно. Дали оваа пракса ќе продолжи во иднина, особено кога ќе бидеме дел од ЕУ, се сомневам.

Вториот задолжителен дел, е приватното задолжително пензиско осигурување, кое сите го плаќаме. Тука ние им даваме пари на фондовите, кои треба да ги собираат и да ги инвестираат каде што сметаат дека ќе ни направат најголем принос. Тука е и целта на овој текст, ПРИНОСОТ.

Сега драги читатели ќе направиме една калкулација за приносот кој оваа година го имав јас и стотици илјадници покорни робови на оваа нелогична творевина:

Од овој дел на известувањето можеме да видиме дека, на почетокот од 2018 година сум имал 444.555 денари и дека во тек на 2018-та година сум уплатил ( колоната лево по месеци ): 20.045 денари. Со тоа салдото се прави 466.600 денари. Е сега заедно со ПРИНОСОТ за 2018 година, јас имам на сметката 474.226 денари. Одиме понатаму, за да го утврдиме приносот што овој фонд го направил за мене оваа година прво ќе ја пресметаме разликата меѓу уплатените и оплодените пари, а тоа е : 474.226 – 466.600 и ќе добиеме дека фондот ми остварил принос од 7.626 денари. Да добро почитавте, неверојатни 7.626 денари. Одиме понатаму, овој износ од 7.626 денари кога ќе го споредам со базичната категорија за пресметка – уплатените пари досега 466.600 испаѓа дека тоа е принос од 1,63 %. Овој податок го добив со делење на приносот со базата помножено по сто ( 7.626/466.600 Х 100 ) = 1,63 %.

Зачудувачки и неверојатни 1,63 % прираст на средствата. 

Ова драги мои, да не е жално и трагично ќе беше смешно. Зошто? Па затоа што во моментов има банкарски понуди на депозити од 2,5 до 4 %. Без замарање, без посредници. Дури, ако се обврзите во банките дека ќе двоите 30 или 40 години одредена сума, јас сум сигурен дека ќе исценкате некој процент повисок. Па можеби и 5% и 6%….

Но лудилото не застанува тука, одиме понатаму:

На оваа фотографија гледаме дека инвестицискиот фонд ни прави некакви „фори“ и дека сме имале номинален прираст од 5.93 % , а реален прираст ( по дедукција на инфлацијата ) од 4.72 %. Е сега тука имаат уште еден козметички додаток дека ова се однесува на некаков си 7 годишен принос на друштвото.

Видете, нас не не интересира 7 годишен принос. Нас не интересира за оваа година. Која е логиката иначе?

Меѓутоа, драги читатели видете, дури и да е така, а не е, бидејќи лично знам дека секој нормален инвестиционен фонд во светот објавува годишен принос на средства не некакви седумгодишни весели математики, и тука не се совпаѓа математиката на овој фонд кој не сум го ни одбрал, туку ми го доделиле. Ако видете внимателно на второто фото, во делот најдесно кај приносите за 2018 година стои 2,50 %. Што повторно и никако не е точно.

Сега се прашувате сигурно, како е ова можно? Еве направете си ја сами сете својата математика за своето зелено плико и ќе видете. Погоре во болдираниот дел Ви дадов упатство како наједноставно да се пресмета оваа категорија.

Одиме понатаму, на задната страна на листот има некои си информации кои треба да му дадат “професионален“ шмек на целава нелогичност и ни кажуваат каде и структурно по колку вложиле низ светот. Таму не даваат податок колкав принос по ставка и колкав принос оствариле од секој инвестиционен субјект, па да можеме да го пондерираме приносот. Тука ни продаваат „амерички причи“.

Сигурно се прашувате кој треба да го контролира ова? По закон и по тоа што е наведено – треба да постои некоја митска агенција за супервизиа на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС. Јас пробав да стапам во контакт со оваа митска институција, но верувајте полесно е да најдете пердув од еднорог отколку да стапите во конткат со ова „тело“. И ова како многу други, најверојатно служи за ухлебување на партиски кадри и остали уметници. Бидејќи не знам што, како и каде контролираат и по која методологија.

Но не застанав тука, пробав да ги добијам на телефон. Звонам во друштвото 2 денови последователно, никој не крева на бројот оставен во пликот. Потоа звонам во осигурителниот клон од друштвото, за да ме караат по телефон што прашувам вакви работи, и дека не биле иста фирма. ОК, одиме понатаму. Штом пренесоа дека се јавува некој кој нешто конкретно го интересира, ми кренаа на бројот. Па одиме на друг, па на трет број, и сите во ланецов на телефони ништо не знаат.. тие се тука за да сме ортаци во парите и приносот, не се тука за да ти дадат одговор. Потоа, после денови борба и саати по телефони и објаснување, ќе ти се јави некој као ПР нивни, тоа е некакво исто митско битие кое уствари има студирано филозофија, право, туризам и што ли не, само не економски науки. Ќе ти искористи некои „фенси“ зборови (тоа им е дел од обуката за да ве шашардисаат и да немате конкретно прашање после тоа ) ќе Ви се заблагодари на тазе скопски акцент, нема да ви одговори ништо конкретно што ве интересира, ќе мумла нешто фондови, инвестиции, блу чип, депозити по банки, просеци, и повторно ќе остане исто.

Е бидејќи така се однесувате и така ви е кажано да избегнувате прашања, еве директно, преку најголемата финансиска и банкарска платформа во Македонија Ве запрашувам, колку беше годишниот принос на македонските идни пензионери кои Вие господа го остваривте? Да одговорат двете друштва поединечно и конкретно !

А драги читатели за да можеме да спасиме нешто од нашите пари и иднина, и да пробаме да смениме нешто по ова прашање, Ве молам споделете го овој текст. 

Со почит,

Наум Димитровски