Очекувањата на бизнисмените се дека можно подобрување на состојбите ќе има по октомври или ноември кога ќе бидат видливи првите резултати од вакцинирањето на населението во европските земји и дома.

Нов бран отпуштања од работа ќе има овој и наредните месеци поради влошените услови за работа на бизнисите и новото целосно затворање на дел од нив. Текстилните компании најавуваат дека е можно да отпуштат половина од вработените бидејќи немаат приходи и работа, а трошоците секојдневно растат. Угостителите, пак, најавуваат дека поради новото затворање 30.000 работници ќе останат без плата и можеби ќе бидат отпуштени. Дополнително и бизнисите кои не успеаја да исплатат плата во февруари веќе размислуваат дали да отпуштат работници за да можат да исплатат мартовска плата на останатиот дел. Бизнисите се жалат дека се при крај со финансиските резерви, а работниците се очајни дека во време на пандемија ќе останат без пари за живот и без здравствено осигурување. Петтиот сет мерки на владата никако да ја помине собраниската бариера иако лидерите на власта и опозицијата се договорија овој пакет на закони да помине во најбрз рок.

Официјалните податоци на Агенцијата за вработување за февруари покажуваат дека 2.744 работници се пријавени како невработени поради отказ добиен во изминатиот период, но неофицијалните бројки се далеку повисоки ако се знае дека дел од работниците испратени на одмор можеби и нема да се вратат на работа. Агенцијата утврдила и дека заклучно со февруари се евидентирани 18.266 невработени лица по основ на прилив од работен однос, односно како резултат на одбиен отказ од работа од почетокот на здравствената криза на 11.03.2020 година.

За една година, пак, според податоците на Централниот регистар се затворени 6.214 бизниси. Најголем број од нив се микро и мали или вкупно 3.950 кои се во угостителскиот сектор, земјоделството и рударството. Иако, бројката на згаснати бизниси е на ниво од неколку години наназад таа во услови на пандемија е загрижувачка. Дополнително за дел од бизнисите кои не успеаја да преживеат се поведени и стечајни постапки, што значи далеку е поголема бројката на фирми кои нема да ја преживеат кризата и на работници кои остануваат без работа.

Најголем ризик да затворат и да поделат откази има за бизнисите во најпогодените сектори: текстилот, кожарството, угостителство, туризам, транспорт, бидејќи цела година тие веќе немаат приходи, а веќе задоа кредити од државата или се задолжија за плати. За нив веќе течат и роковите за отплата на кредитите и враќање на дел од парите што им ги даде државата за плати.

Според податоците на Управата за јавни приходи, од вкупно 22.195 фирми кои зеле помош 18.851 обврзници поднеле 20.693 барање за враќање на парите за плата односно за користење грант. Од нив 5.296 искажале позитивен финансиски резултат пред оданочување за 2020 година, негативен искажале 11.502 обврзници, а 1.134 обврзници искажале финансиски резултат нула денари.

Дури 6.888 работодавачи не успеале да исплатат плата во месец февруари. Не се знае дали тие ја чекале владината мерка или не успеале да исплатат и плати во изминатите месеци.

Бизнисмените бараат роковите за враќање на парите кон државата од поддршката за плати и придонеси и кредитите да се поместат по истекот на пандемијата.

– Доколку владата не го одложи рокот за враќање на парите дадени за плата, придонеси или кредити на бизнисите до целосна победа над пандемијата, тоа ќе биде погубно за најголем број од компаниите во текстилот, бидејќи покрај немањето работа, финансиски се истоштени и нема да можат да ја подмират и оваа обврска. Дел од фирмите дури ни по победата на пандемијата нема да можат да ги враќаат парите кои им ги позајми државата – вели Маријана Перковска, претседателка на Текстилниот кластер.

Таа смета дека поголемиот дел од фирмите од текстилот во Штип кои ги испратија вработените на двонеделен одмор, ако не се преземе нешт , нема да можат повторно да работат.

– Западот подолг период е затворен. Таму рестрикциите се и за моловите и за другите објекти, а е ограничено и движењето на луѓето. Ако нема зголемена потрошувачка во западните земји, нема ни работа за текстилните компании во Македонија на кои 95 отсто од производството е за извоз. Ако мерките и таму потраат подолго нема работа за нашата текстилна индустрија. Дел од фирмите ќе останат затворени, а 50 отсто од 35.000 работници колку што ги има во текстилот е можно да останат без работа – вели Перковска.

Но, додава таа, не е проблемот што овие работници ќе добијат отказ.

– Проблемот е дали и кога тие ќе можат да се вработат. Ако компаниите затворат трајно тие ќе останат подолг период невработени. Во изминатита година дел од текстилните компании веќе се соочија со неможност да ги подмират обврските, а тоа неминовоно води кон покренување стечај, што во наши прилики значи и крај за една компанија. Знаете отворањето на текстилна компанија не се прави за една недела или месец како во други дејности, на пример во угостителство, туку е потребен подолг период и поголеми инвестиции. Затоа и одлуките на владата поврзани со преживување на фирмите треба да се прават соодветно на ова – вели Перковска.

Угостителите кои од утре повторно целосно ќе бидат затворени најавуваат дека поради хроничниот пад на приходите без плата ќе останат над 30.000 работници, а ако нема помош од државата можни се и откази и затворање на бизнисите.

– Ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката за затворањето ќе останат без какви било приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места – вели Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.

Очекувањата на бизнисмените се дека можно подобрување на состојбите ќе има по октомври или ноември кога ќе бидат видливи првите резултати од вакцинирањето на населението во европските земји и дома, а до тогаш, се надеваат дека дел од бизнисите ќе преживеат за да преживеат и работниците.

 

Извор: Плусинфо.мк