Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи”, на денешниот собир уште еднаш ја поздравува одлуката Уставниот суд, да закаже и да одржи седница по предметот за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки на 25 мај, имајќи во предвид дека, по однос на спорната одредба, беше поведена постапка за оценка на уставноста на седницата од 21 април.

Кај Здружението нема дилеми дека ова прашање во доволна мера е елаборирано и аргументирано, и дека во изминатиов период од неколку месеци, сите прашања кои се сметаа за спорни, се целосно расчистени. Оттука, за нас, прашањето за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки е доволно разјаснето од повеќе аспекти, и поради тоа создадени се услови за мериторно одлучување по однос на поднесената иницијатива пред Уставниот суд.

 

Сметаме дека дури и за пошироката јавност прашањето за кое Здружението се бореше во изминатиов период е јасно, и дека одлучувањето по иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, всушност има широко значење, кое во суштина, засега огромен број граѓани – физички лица, како и правни лица, депоненти на нашите банки. Бидејќи, со одлуката што треба да ја донесе Уставниот суд, ќе стане јасно дали, во банкарскиот систем, ќе биде зајакната позицијата на депонентите – физички и правни лица или ќе остане сегашната поставеност каде максимално е заштитена позицијата на банките и нивните профити. Значи, нашата борба е многу широка, засега интереси на неопределен број граѓани кои своите заработени пари ги чуваат во банките, или со нив работат преку банкарскиот систем како и правните лица кои се законски должни да работат исклучиво преку банкарскиот систем. Затоа, на оваа прес-конференција би сакале да упатиме апел до невладините организации, особено тие кои третираат теми од областа на заштитата на граѓанските слободи и права, како и теми од областа на правосудтсвото, економијата и банкарскиот систем, да ни се придружат во следењето на седницата на Уставниот суд закажана за 25 мај.

Секако, одлуката на Уставниот суд е значајна и од аспект на стечајната постапка за Еуростандард банка. Во стечајот на оваа банка останаа заробени парични средства на околу 700 физички лица и околу 2.000 правни лица, или повеќе од 3.000 семејства, што претставува голема траума за вработените во правните лица и членовите на оштетените семејства. Затоа, иако се работи за апстрактна одредба која се однесува на неопределен број лица, всушност, оспорената одредба би можела да предизвика многу конкретна штета, материјална и нематеријална, кај лицата – доверители во стечајната постапка, како и кај нивните семејства. Оттука, потребно е да се прекине неизвесноста, бидејќи доколку постапката не заврши до 31 мај, кога истекува мандатот на тројца уставни судии, ќе треба да се чека избор на нови уставни судии. Со оглед на состојбата со КОВИД-19 пандемијата, односот на силите во Собранието, претстојниот попис и локални избори, изборот на нови уставни судии може да потрае или да биде пролонгиран за временски неопределен период, што би значело дека постапката на неопределено време може да биде ставена „во мирување”. Тогаш, оштетените место сигурност, ќе се соочат со уште поголема неизвесност и зголемување на сопствените трауми. Токму тое е причината зошто Здружението „Правда за штедачи” инсистира дека Уставниот суд треба да ја донесе мериторната одлука по иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки додека сеуште трае мандатот на актуелниот состав на уставни судии, или, со други зборови, Уставниот суд да одлучи во составот што ја поведе постапката за оценка на уставноста.

Воедно, би сакале да споделиме сомневање дека сите оние што во изминативе неколку месеци вршеа притисок врз Уставниот суд, нема да седат со скрстени раце. Тие ќе се обидат по секоја цена, повторно да издејствуваат одлагање на седницата закажана за 25 мај. Огромно и многу моќно е влијанието на банкарско-финансиското и политичкото лоби, тоа ни е познато. Но, сепак, веруваме дека со досега изнесените аргументи, на сите веќе им е јасно дека решението содржано во членот 163 став 3 од Законот за банки нема никаква врска со стабилноста на банкарскиот, а уште помалку со стабилноста на финансискиот систем. Најмалку го заштитува јавниот интерес. Тоа решение може да има влијание единствено врз „стабилноста” на банкарските профити, да предизвика штетни последици по граѓаните и да ја урне нивната институционална доверба. Никому не смее да му биде цел создавање на институционална недоверба кај граѓаните, се разбира, освен ако не потпаднал под влијание на профитерите од банкарско-финансиското и политичкото лоби.

Затоа, ги охрабруваме сите уставни судии, без оглед на нивното мислење по однос на поднесената иницијатива, на 25 мај, следниот вторник, да заборават на било какви процедурални изговори, да навлезат во материјална расправа со аргументи во одбрана на своето мислење и да донесат мериторна одлука по иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки. Во интерес на граѓаните, и врз основа на Уставот и законите. За тоа однапред им искажуваме благодарност, без оглед каква ќе биде одлуката.