Приходите на Суецкиот канал паднаа за речиси половина во јануари, изјави директорот на управувањето со поморските патишта, адмирал Осама Рабиех, цитиран од онлајн изданието „Ентерпрајз њуз“, пренесува БТА.

Приходите од патарините за транзит паднаа на 428 милиони долари, што е пад од 47 отсто на годишно ниво. Бродовите што минуваат низ клучната трговска артерија се намалени за речиси 37 отсто поради нападите на јеменските бунтовници Хути. На почетокот на февруари, францускиот бродски гигант CMA повторно го суспендираше минувањето на своите бродови низ Црвеното Море, откако во јануари продолжи со дел од курсевите. Голем број други компании го прекинаа превозот преку Суецкиот канал.

Хутите извршија ракетни и беспилотни напади во Црвеното Море во знак на поддршка за палестинската организација Хамас во нејзината војна со Израел. Суецкиот канал, кој е достапен само преку Црвеното Море, ги поврзува некои од најголемите европски потрошувачи на стоки со добавувачите во Азија. Околу 12 отсто од светската трговија минува низ поморскиот пат, што е повеќе од 30 отсто од меѓународниот сообраќај со контејнерски бродови и претставува повеќе од еден трилион долари во стоки годишно.