Приватните податоци на околу милион клиенти на најголемата шведска осигурителна компанија Фолксам случајно протекоа во неколку најголеми светски технолошки компании.

Фолксам, кој осигурува 50 проценти од шведските домови и индивидуалци, сподели податоци со технолошки гиганти како Фејсбук, Гугл, Мајкрософт и Линкдин, пренесува Ројтерс.

„Она што се случи го сфаќаме сериозно. Веднаш престанавме да ги споделуваме овие лични информации и побаравме да бидат избришани “, рече Јокс Викстром, шеф за маркетинг во Фолксам.

Податоците вклучуваат броеви за социјално осигурување, кои често се користат во Шведска за секојдневни активности, вклучувајќи банкарство, како и информации за тоа кој го купил осигурувањето за бременост, изјавија од Фолксам.

Фолксам изјави дека досега нема индикации дека протечените информации биле користени од трети страни на „погрешен начин“.