Договор меѓу Владата и синдикатите за повисоки плати и регрес во јавниот сектор не ги решава проблемите во УЈП и Царина. Вработените во овие институции не отстапуваат, додатокот на плата од 30 проценти бараат да им биде исплатен, затоа што им следува според закон.

Од УЈП велат дека  продолжуваат со двочасовните протести, а тече и постапката за генерален штрајк. Го поздравуваат вчерашниот договор на економско-социјалниот совет, но велат дека нивното барање не било дел од овие разговори.

На почетокот на идната недела ќе се знае точно дали ќе се најде решение или пак вработените од УЈП ќе стапат во генерален штрај, што ќе значи колапс на целата држава.

И  вработените во Царината  продолжуваат да преговараат за додадокот на плата од 30 проценти кои им следува по закон, а кој како што велат, никогаш не го добиле.

Вработените во овие две институции претходно излегоа и на улица со предупредувачки протести. Вчера Владата и синдикатите пак се договорија, платите во јавниот сектор да пораснат за 10 отсто, а да добијат и регрес за годишен одмор, до крајот на годинава 10 илјади денари а од следната да биде 30 отсто од просечната нето плата. За да може ова да се реализра ќе се прави ребаланс во септември. Експетите пак предупредуваат да се внимава од кои ставки ќе се крати за да се реалзира договореното.

Претходно незадоволни од платите на улица излегоа вработените во Царина, УЈП, судската администрација, кутлура и образование. Револтот стана поголем кога Уставен одлучи да се зголемат функционерските плати за речиси 80 отсто.